ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на изјавите на европратеникот Иво Вајгл, кој рече дека при посетата на Скопје Груевски им кажал дека ќе оди до крај, бидејќи не сака да лежи во затвор. Во партиското соопштение објавено рано утрово демантираат дека Груевски дал таква изјава, каква што Вајгел пренесува преку медиумите.
Европратеникот вчера во изјава за Агенцијата Анадолија изјавил дека „ситуацијата во Македонија е многу сериозна, но сè уште не е крајно алармантна, најкарактеристична е, сепак, изјавата која ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сподели дека тој ќе оди до крај, бидејќи не сака да оди во затвор. Ако тоа е мотивот, тоа значи дека долго време нема да има компромис“, вели Вајгл.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека доколку Вајгл дал вакви изјави, тој тогаш само долева масло на огнот во актуелната политичка криза, наместо јавно да ја осуди Тиранската платформа и мешањето на соседни држави во внатрешните работи на Македонија.
Од партијата велат дека главниот акцент на разговорите со европретставниците бил ставен на неопходноста од нови предвремени парламентарни избори како најдобар начин за излез од актуелната криза.
„ВМРО-ДПМНЕ очекува европратеникот Вајгл или да се огради од невистините и да ги демантира како негова изјава доколку не ги кажал, или да се извини за политичките манипулации со кои што ја доведува јавноста во заблуда заради остварување на нечии агенди“, стои во партиското соопштение.
Во меѓувреме весникот Фајненшл тајмс“, потпирајќи се на изјави од Вајгл и на изјави од други официјални претставници од Брисел пишува дека „македонските лидери ризикуваат санкции ако продолжат да го блокираат формирањето на новата влада и да провоцираат меѓуетнички конфликти“, пишува Радио Слободна Европа.