На границите на Европската Унија од денеска почнува примената на новите шенгенски правила за контрола на патниците за да се спречат какви било закани по внатрешната сигурност и јавниот ред на земјите членки на ЕУ.
Покрај граѓаните од трети земји, и граѓаните на земјите членки на ЕУ ќе бидат детално проверувани на границите, што може да биде причина за дополнително подолго задржување.
Системската проверка на сите лица, што значи и на граѓаните на ЕУ, вклучува проверка на документите на патниците во шенгенскиот информациски систем, проверка во базата на Интерпол за украдени и за изгубени патни исправи и во националната база за украдени, незаконски присвоени, изгубени и за поништени патни исправи.
Полицајците ќе ги проверуваат патните исправи со помош на посебни читачи, поради што процедурата на контрола на граничните премини ќе трае подолго, особено за време на празниците и во туристичката сезона.