Човекот уапсен во Стокхолм, според портпарол на полицијата, е веројатно возачот на камионот кој влета во толпа луѓе и уби 4 лица. Приведувањето на втор осомничен не е потврдено, јавува Дојче веле.
Блокадите и полициските патроли низ Стокхолм сѐуште потсетуваат на вчерашниот атентат. Камионот кој влета во мноштво луѓе во центарот на градот, а потоа во стоковна куќа, веќе е отстранет. Возачот уби четири луѓе, а 15 се повредени.Шведската полиција и владата сметаат дека станува збор за терористичко дело.
Полицијата верува дека човекот, кој синоќа беше уапсен, е атентаторот, односно возачот на камионот. „Не исклучуваме дека ќе има натамошни апсења, но засега немаме никакви докази дека претстои натамошна општа опасност“, изјави портпарол на полицијата.
Обвинителот претходно соопшти дека приведеното лице е под сомнение за „извршено убиство преку терористички чин“. Властите засега не го соопштуваат идентитетот на човекот кој беше снимен од камерите за надзор на местото на настанот и со помош на кој беше вршена потрагата по него. Шведскиот весник „Афтонбладет“ пишува дека станува збор за 39-годишен Узбекистанец, симпатизер на терористичката милиција Исламска држава.
Медиумите јавуваат и за втор уапсен човек, но полицијата не ги потврди овие информации.Во Шведска и натаму владее состојба на готовност. На границите на земјата десет дена ќе бидат контролирани сите кои излегуваат од земјата, како што истакна премиерот Штефан Лофвен.
Сепак, Стокхолм нема да дозволи да биде заплашен и луѓето да престанат да го живеат слободно својот секојдневен живот, што е целта на терористите, истакна премиерот: „Треористите никогаш не можат да ја пбедат Шведска никогаш“, потенцира Лофвен.