Наидуваме постојано на некакви пречки, но ништо од тоа не нѐ спречува и предомислува кога ќе помислиме дека околу 150 луѓе во сабота ќе го чекаат својот оброк, кој малкуте народни кујни не им го овозможуваат во викендите, пишува Викторија Мирчевска од иницијативата Ретвитни оброк во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Колку пати не сте го изеле она што го ставате во чинијата? Колку пати сте ја истуриле манџата што останала од претходниот ден, затоа што денес имате нова? Колку пати сте фрлиле некој производ затоа што има само уште неколку дена рок на траење?
Е па, сето тоа што го фрламе за некого е јадење, единствен оброк или посакувана храна што не може да си ја дозволи.
За жал, живееме во некое чудно општество и време каде се фрлаат тони храна во депонии, додека некој умира од глад. Фотографираме полни чинии убаво декорирани за да се пофалиме што сме зготвиле или што ќе јадеме на социјалните мрежи, заборавајќи дека за некого тоа ќе остане само посакувана слика. Каков апсурд?! Храната за некого е луксуз, за некого само обична навика, но на сите ни е потребна.
Основна човекова потреба која секој ја заслужува.
Токму ова е она што малку посвесно заѕвонило во главите на две девојки што дојдоа до идеја храната што ја фотографираме, наместо само да ја споделуваме на социјалните мрежи, да ја споделиме и реално на оние на кои вистински им е потребна.
Оваа идеја ја споделија на Твитер, од каде започна целата иницијатива. Наместо да ретвитаме слики, почнавме да ретвитаме оброци за нашите бездомни и социјално-загрозени сограѓани. Од неколку сендвичи, па по некоја чинија тестенини, салати, секој од дома колку може, па стигнавме и до 150-200 комплет оброци со ориз, леќа, гравче, месо, салати, овошје и благо.
Готвењето секој по дома, постепено прерасна во заедничко готвење и дружење кое најчесто се случува во кујната на црквата „Гласност“ или во кујната на „Младинскиот образовен форум“, а понекогаш и кај некој од оние кои се вклучени во целата акција.
Најважното од сѐ е тоа што без разлика на сите обврски, различни професии, возрасти, планови, ниту еден петок не се откажавме и не дозволивме во сабота да им кажеме на оние што не очекуваат: „Извинете, денес нема храна“.
Одговорноста, свесноста и искрената човечност е она што сите нѐ обединува и нѐ прави сѐ поцврсти, поиздржливи, но и помотивирани.
Наидуваме постојано на некакви пречки, но ништо од тоа не нѐ спречува и предомислува кога ќе помислиме дека околу 150 луѓе во сабота ќе го чекаат својот оброк, кој малкуте народни кујни не им го овозможуваат во викендите.
Ниедна мака, никаков замор после работа во петок, ниту плановите за излегување не можат да бидат оправдување за да не одвоиме 2-3 часа и заедно да си помогнеме, да зготвиме околу 100 оброци кои треба да бидат поделени.
Дури и во моментите кога мислиме дека групата се намалува или интересот опаѓа, се појавуваат искри надеж кога почнуваат да доаѓаат млади, средношколци, полни со ентузијазам и најважно од сѐ заинтересирани, љубопитни и вредни за искрено да помогнат.
Ретвитни брок не е ништо формално, а е толку прекрасно, што секој кој барем еднаш се вклучил на каков било начин поверувал во неговата магија, да спојува толку различни луѓе, возрасти и националности на едно место, со единствена мисија, да се помогне и да се даде дел од себе, без некој да треба да плати, без да очекува нешто да му се врати, без да биде обврзан нешто да направи.
Се сечкаат салати, се готват манџи, се пржат копани и колбаси на скара, се печат вафли, се пакуваат шарени оброци направени како за своја душа. Секој секому помага, нема улоги, нема хиерархија, само добра организација, затоа што најважна е целта.
#РетвитниОброк опстојува непрекинато 2 години, има поделено над 12.000 вкусни оброци, секоја сабота редовно над 150 луѓе имаат топол и достоинствен ручек. Никој од нас не прима плата за тоа што го прави, донациите кои ги добиваме се исклучиво во форма на продукти, оброци или износ кој може да го користиме само за производи. Даваме дел од себе, од својата добра волја и време, а најголемата награда е сознананието дека нашето малку за некого е многу и дека нечиј свет е променет барем во еден ден.
Веќе 2 години го шириме гласот за храната што останува да не се фрла, туку да се подарува на оној што нема.
Постојано инспирираме луѓе и фирми, ресторани, организации да станат свесни и општествено-одговорни и да се вклучат во нашата мисија за подобро утре со помалку глад и помалку фрлена храна, а за среќа, сето тоа полека, но сигурно ни успева.
Наша мисија е да успееме да обезбедиме и по 3 оброци дневно за секој кој нема, но и простор каде достоинствено ќе може да јадат, а во иднина можеби и дел од нив да се вклучат во подготовка на оброците и меѓусебно да си помагаат и да си го овозможуваат она што им е потребно.
За тоа да ни успее потребна е поддршка од многу луѓе, фирми и институции. Потребно е сите да станеме свесни и целосно да се промени размислувањето за оваа категорија граѓани. Затоа што сите сме пред сѐ луѓе.
Во светот постојат и функционираат многу банки за храна или социјални ресторани каде секој што нема може да побара од она што се нуди, а секој кој има вишок може таму да го донира. Во некои земји веќе функционира и закон со кој маркетите и рестораните можат да го донираат она што не успеваат да го продадат. Постојат многу модели за организација и реализација кои со мали измени и приспособувања, можат да се спроведат и кај нас.
РетвитниОброк како неформална група на луѓе 2 години докажува и покажува на дело дека може да се остварат мали чекори, за големи промени и без многу пари, само со добра волја и искреност од повеќе страни.
Се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме да функционираме, можеби и на поголемо ниво, да ги остваруваме целите, да се шириме и да се поврзуваме, заедно со сите луѓе, организации и фирми кои сакаат да помогнат на каков било начин.
Во целото општествено лудило, најважно е да не заборавиме да бидеме луѓе. Па, следниот пат кога ќе ви остане храна од ручекот, некоја прослава, празник… пред да ја фрлите во кантата, помислете на благодарноста и среќата ако ја спакувате и некому ја подадете.
Никој не живее само за себе, сите сме заедно во овој свет, колку и да ни се чини луд, динамичен, различен… Не чекајте некој да реши сѐ, почнете од себе. Со мали чекори до големи победи. Ако не можеме да го промениме целиот свет, можеме барем нечиј ден.
Ретвитнете оброк! Ретвитнете среќа!