Како Македонија го одбележува Меѓународниот ден на трудот што традиционално во светот се прославува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права
Синдикалните организации најавуваат низа активности со кои ќе го одбележат овој ден. Сојузот на синдикати на Македонија, оваа година ќе ги афирмира целите и принципите и ќе бара спроведување на Протоколот за социјален напредок кој се фокусира на натамошен развој на социјалниот дијалог, спроведување на колективното преговарање на сите нивоа, подигнување на животниот стандард, квалитетот на живот, зголемување на платите, спроведување „еднаква плата за еднаква работа“, ратификација и имплементација на меѓународните стандарди на трудот, владеење на правото и унапредување на работничкото законодавство, елиминирање на секаков вид на родова, полова, старосна и секаков друг вид на дискриминација.
– ССМ и натаму останува крајно посветен на борбата за сигурни работни места, за зајакнување на работниот однос на неопределено работно време, намалување на временскиот период за вработување на определено работно време, дополнителни услови за заминување во пензија, дополнително даночно ослободување на надоместоците од работа, партиципативна работничка демократија и сигурни социјални солидарни фондови, се вели во прогласот.
Од ССМ во петокот на прес-конференција најавија дека денешниот ден ќе го прослават работно, со продолжување на разговорите за зголемување на минималната плата во земјава.
Протестен марш најавија потписниците на Повелбата за солидарност. Тие, како што велат, на 1 мај ќе ги повикаат своите членови и работници да испратат порака до надлежните да работат во интерес на работниците и да се борат за единство подобар стандард и поголеми права.
Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.