Ракометарите на Вардар ја победија Барселона

Сподели

Ракометарите на Вардар вчера го совладаа тимот на Барселона со резултат 26:25 (полувреме 13:12) и ќе играат за шампионската титула на завршниот финален турнир од Лигата на шампионите, што се одржува во Келн.

Победата на Вардар му ја донесе Лука Циндриќ со гол во последните секунди во драматичната завршница од натпреварот.

Најефикасни во победничкиот тим беа Алекс Душебаев и Иван Чупиќ со 7 гола, Вуко Борозан постигна пет, Циндриќ – четири, додека голманот Арпад Штербик беше одличен на голот со 15 одбрани.

За Барселона настапија македонските репрезентативци Кире Лазаров, кој беше најефикасен со шест гола, и голманот Борко Ристевски, кој доби шанса да брани само удари од седум метри.

Вардар за шампионискиот трофеј ќе се бори со тимот на Пари Сен Жермен, кој во првото полуфинале го совлада унгарски Веспрем со 27 – 26.

Финалето е закажано за денес од 18 часот, а дуелот за третото место е во 15.15 часот.