Една кинеска поговорка вели ,,Изгубеното злато може да се најде, изгубеното време, никогаш. ’’ А сите ние имаме еден живот, едно време, наше, само наше. Токму заради таа вистина од која нема бегање за сите звучат разбирливи зборовите на Сенека, ,,А кога ќе живееме ако не сега?’’ Ете од таму доаѓа оправдана и сечија лутина за било кое опустошено, украдено, одземено време.
Но, за тоа време пишувавме многумина од нас и до сега. Викавме, протестиравме, се бунтувавме, се боревме.
Во оваа прилика не одземам време, да се навраќам на тоа време. Не за да се заборави, напротив, туку за да се искористи денешното време, сега, за да има нешто убаво да се памети, да се спореди, да се има ука како не треба, а како треба да биде. И за да не биде утрешницата сатира на денешницата, вадејќи ги на површина нејзините слабости, да се обидеме нешто, ама не било што, да направиме. Заради нас, заради нашите деца, заради нашата иднина. Без одлагање, да препознаеме, да потврдиме ,,Најважното време е СЕГА, бидејќи тоа е единственото време кое е моќно и на кое можеме да влијаеме. ’’(Толстој). Притоа, подобро е да се направи малку, ама добро, отколку многу ама лошо. Со други зборови наместо да се вложува во саати, нека со вложуваат сати за нешто добро.
Притоа, во изместените вредности да се градат вистински вредности, воопшто не е лесно. И нема да биде. Да се градат столбови е тешко, да се исправуваат криви столбови или заменат со нови е уште потешко. Сепак, секое одлагање е најголем убиец на времето. Може уште долго да не’ прави губитници, сите во општеството. Ако квалитетот не зачестува како појава до степен да стане природно прифатена навика, ништо не сме направиле.
Пред нас стои огромен предизвик – моралното дело да стане закон. Лошите луѓе и лошите навики го уморија народот. Се уморија од барање на добрата учителка за своето дете, квалитетниот доктор за својата мајка, добронамерниот и човечен работодавач за претпоставен, лојалниот работник за работодавачот.
Уморени и истоштени. Бездруго малкутрпеливи. Без вина нетрпеливи. Ама помирни води не може да се чекаат. Особено кога толку многу се изгуби. Мора да се плови секогаш на ветриштата кои се имаат. Мудро. Со искуство, со знаење кое ги знае и водите, и карпите во нив и брегот пред нив.
Нека денот се цени по семето, а не по плодот. Вчерашната лекоумност уште денес да биде разорана за утрешното семе. Трпеливо, смирено. Та нели уште сега слободно се дише?! Онаа врата која се затвори со ферман да се запечати! – Никогаш да не се отвори! И да не се заборави, успехот може да биде лош учител кој лаже дека доброто не може да се изгуби. Затоа, чесно и посветено нека биде во новиот ден!