-“Пред ребалансот на Буџетот се соочивме со критична ситуација, немаше доволно пари за исплата на плати и основните надоместоци за кои припадниците на Армијата на Република Македонија имаат право согласно Законот. Овој ребаланс, иако денеска ќе треба да ја добиеме последната верзија, можам да гарантирам дека тој проблем ќе го реши. Меѓутоа, тој е интервентен и се однесува на оние најосновните права, правата на плата и надоместоци согласно Законот.”
Ова денеска го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по испраќањето на контингентот на АРМ во рамки на вежбата „Saber Guardian 2017“.
Нашата клучна цел, посочи, е како дел од овие оправдани критики да ги решаваме со буџетот од 2018 година, бидејќи голем е системот и не може со ребаланс да се реши.
-“Заложбата ќе ни биде еден по еден од овие основни работни услови да ги создаваме уште од 2018. Но, мислам дека со Министерството за финансии се согласивме дека е апсолутно неприфатливо делот за плати во Министерството за одбрана да не одговара на реалните потреби и тоа очекувам дека во петок ќе биде искоригирано прво на седница на Влада, а потоа се надевам дека и Собранието ќе ја поддржи таквата измена”, потенцира Шекеринска.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерката рече дека постојат сериозни критики околу начинот на којшто е почнат и се спроведува процесот на избор на питомците во Воената академија. Тој избор нагласи, невообичаено беше почнат во мај и на тој начин се дискриминираа одреден број средношколци кои чекаа прво да го завршат образованието, па дури потоа да конкурираат. Посочи дека дури и од страна на оние коишто конкурирале постојат поплаки заради нетраспарентноста и дискреционоста во одлучувањето.
-“Побарав од Комисијата задолжена за избор да присуствува на целиот процес, побарав дел од тие тестирања да се повторат и не да се повторат зад затворени врати, туку транспарентно. Побарав Комисијата овој пат да излезе со конкретни препораки како ваквите грешки никогаш да не се повторат. Ми јавија уште во текот на претходните два дена дека за жал некои од овие насоки не се почитувани. Го очекувам официјалниот извештај од Комисијата за да одлучиме како ќе пристапиме понатаму”.
-“Меѓутоа, она што можам да го ветам и да го најавам е дека за сите следни уписи и во Воената академија и во други процедури во Министерството ќе бараме и ќе инсистираме навистина принципот на квалитет да дојде на прво место. Принципот на отвореност да дојде на прво место. Кој нема што да крие, нема да се затвора зад врати затворени и да го исклучува процесот на селекција останат”, додаде Шекеринска.