Дваесет и две години од злосторствата во Сребреница

Сподели

Денес во Меморијалниот центар во Поточари се обележуваат 22 години од геноцидот во Сребреница.

На 11.јули 1995 година силите на војската на Република Српска влегоа во Сребреница и извршија воено злосторство убивајќи околу 8.000 луѓе.

Нападот на Сребреница започна на 6.јули 1995 година, а заврши пет дена подоцна кога силите на војската на Република Српска, под команда на генералот Ратко Младиќ влегоа во градот.

Во Културниот центар Сребреница вчера беше одржана комеморативна седница за бошњачките и српските жртви.

Бошњаците сметаат дека во Сребреница се случил геноцид, додека властите во Србија и Република Српска сметаат дека во тој град за време на војната се случило воено злосторство.

Меѓународниот суд во Хаг во 2007 година донесе пресуда со која масакрот во Сребреница го квалификува како геноцид. Резолуции со кои ја потврдуваат пресудата донесоа парламентите на земјите членки на Европската унија, Канада, САД и Австралија.
Резолуцијата за Сребреница не е усвоена во Советот за безбедност на Обединетите нации во 2015 година откако Русија го искористи своето право на вето со што го „собори“ британскиот предлог.