ФРОДЕМ: Анахрониот Дачиќ, нека се сврти кон иднината

Сподели

Дачиќ нема што да се кае, затоа што секој потег на Србија кон Македонија, макар тоа бил и пред 20 години бил длабоко осмислен да произведе корист за Србија. Бедно е што после толку години, потрошени политичари од типот на Дачиќ, нема што друго да понудат во регионот, туку преку преживување, очајно се обидуваат да се рециклираат во лажни регионални лидери.

Не дека овој став првпат го искажува. Ама сега особено боли, сега кога позитивно се придвижуваат состојбите. Кога Европа прави значителни напори да го интегрира Западниот Балкан. Сега кога Македонија иницира градење добра меѓусоседска политика за надминување на споровите и историските дубиози. Токму сега треба да дојдат до израз братските, децениски релации меѓу македонскиот и српскиот народ. Само анахрониот Дачиќ безобзирно вози рикверц. Ако го прашате зошто, веднаш нихилистички ќе се оправда дека политиката е гол интерес. Навистина не му е гајле што Македонија и Македонците ги сведе на Скопје.  

Наша обврска е да подвлечеме дека партиските комсомолци налик на Дачиќ, пиар поддржувачи на авторитарни губитници, кои беа дел од крвавиот распад на СФРЈ, се најмалку компетентни да даваат историски оцени. Македонија е најмалку инволвирана во пресметките кои произлегоа со распаѓањето на СФРЈ, и никој не може да и забележи за непринципиелен став за нечии пропусти.

Воедно, сакаме да му порачаме не само на Дачиќ туку и на неговите инсталации во Македонија  дека дека упадот во Собранието на 27 април не е заборавен и дека нема да се заборави. Ке постои одговорност и вистината ке излезе на виделина. Се е прашање на време. Во Македонија доволно нарасна критична маса за да ја одбрани својата независност и достоинство.

Со вакви политичари Србија нема капацитет да ја повтори успешната лидерска политика на Тито во геостратешкото балансирање меѓу истокот и западот. Напротив, речиси секој позначаен потег и е контроверзен. Едни работи и релации почнува да ги гради, но, на штета на други кои ги растура. Кој ќе и верува. Изгледа само тие што мораат, поради дипломатска куртоазија. Историјата почна да се повторува, ама повеќе во фарсична смисла.

Конечно, доколку Дачиќ сака да направи знешто повќе за регионот, нека тркне до Државниот архив на Србија и нека ги отвори шемите, мрежите и личностите кои не му даваат шанса на регионот да се интегрира и во Европа, и во НАТО. Конечно само со овој потег ќе направи нешто вистинско во својата кариера.

ФРОДЕМ очекува во блиска иднина српската премиерка јавно да се се извини на македонскиот народ за овој излив на неразумност и неодговорност на министерот комсомолец  Дачиќ.