Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска преку соопштение од комуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ја става во мирување својата политичка активност.
„За да се завршат судските постапки кои се во тек, а во кои кај мене постои лично убедување дека ќе се докаже вистината, донесов лична одлука да се повлечам од сите партиски функции. Низ целиот мој животен и работен век, со своите можности, сила и знаење се вградував во партијата, почитувајќи и верувајќи во нејзините определби и идеја и залагајќи се за доследност и за посветеност“, стои во соопштението.
Мијалков наведува декa неговиот ангажман и професионални заложби за Македонија за време на неговото работење во државните институции ќе бидат уште повеќе валоризирани и верификувани низ една историска дистанца.
„Продолжувам и понатаму силно и убедено да ги поддржувам вредностите на партијата и тоа во што секој наш член верува, каузата на историското ВМРО и визијата за просперитетна Македонија, напредна и модерна, членка на ЕУ и на НАТО“, стои во соопштението.
Мијалков досега беше член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој, инаку, е еден од главните осомничени во предметот „Трезор“, за набавката на израелската опрема за прислушување преку офшор-компанијата „Финзи“. Во предметот „Таргет – Тврдина“, тој е осомничен како нарачател на масовното незаконско прислушување. Во „Тортура“ тој е првоосомничен како нарачател на нечовечкото апсење и изживување врз лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.