Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поседува изјава од Коста Крпач во која тој ги известува за заканите што ги добивал, изјави денеска на прес-конференција, портпаролката на СЈО, обвинителката, Ленче Ристоска.
Таа додаде дека овие доказите ги имаат кај нив, а до Основното јавно обвинителство Скопје биле доставени сите релевантни податоци кои можат да помогнат во истрагата за околностите за смртта на Крпач.
Ристоска посочи дека поради тајноста на предистражната постапка што тие ја водат како и постапката на ОЈО Скопје засега не можат да соопштата други детали околу овој случај.
– Лицето Коста Крпач како што веќе соопштивме доброволно се пријави да биде сведок во една предистражна постапка која што се уште не објавена во јавноста. Ние имаме изјава од лицето Коста Крпач со која тој нам ни укажува дека постоеле такви закани. За тоа е известено ОЈО Скопје. Доказите кои што ги поседуваме се тука кај нас, меѓутоа доставени се до ОЈО Скопје сите релевантни кои што можат да им послужат во таа постапка. Кога ќе заврши предистражната постапа во ОЈО Скопје и кога ќе постојат услови за објавување на исходите од нашата постапка јавноста ќе биде известена за сите околности во тој случај – рече Ристоска.
Обвинителката, одговарајќи на новинарско прашање, изјави за пријавувањето на Крпач за сведок не било извесно Министерството за внатрешни работи бидејќи тој барал статус на заштитен сведок.
– Неговото пристапување кон нас не е пријавено во МВР затоа што кога имате лице кое бара статус на заштитен сведок вашата должност е да го сочувате неговиот идентитет, а не во МВР да пријавите дека тоа лице бара таков статус од вас и се соочува со соодветни закани – изјави Ристоска.
Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека предистражната постапка утврдила дека Коста Крпач, кој на 27 април годинава беше пронајден мртов во неговиот стан во Капиштец, со прострелна рана во градите, извршил самоубиство.
Во краткото соопштение од јавното обвинителство беше наведено дека иако предистражната постапка е тајна, тие ја споделуваат оваа инфромација со јавноста за да ги отстранат шпекулациите околу околностите за смртта на Крпач.
Од Обвинителството посочуваат дека и понатаму продолжуваат истражните дејствија за утврдување на причините и околностите за смртта на Крпач.