Рочиштето за „Монструм“ повторно одложено

Сподели

Врховниот суд денеска по четврти пат ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“, бидејќи полицијата не можела да донесе еден од осудените лица од затвор.

Јавната седница, на која треба да бидат разгледувани и да се одлучува по жалбите на шестмината осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, овојпат е презакажана за 3. октомври.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски рече дека следниот пат ќе бидат издадени наредби сите осудени во случајот да бидат донесени во судот.

Адвокатот Насер Рауифи, кој е бранител на дел од осудените, повторно истакна дека овој случај треба да го преземе Специјалното јавно обвинителство.

– Оправдувањето досега беше дека нема соработка меѓу Специјалното јавно обвинителство и државното јавно обвинителство, меѓутоа таа пречка сега е отстранета, бидејќи се разреши државниот јавен обвинител. Не знам која е пречката што СЈО не го презема случајот, бидејќи има надлежност да го преземе. Ние како одбрана сметаме дека само на тој начин можеме да дојдеме до вистината во овој предмет, кој очигледно е монтиран – изјави Рауфи.

Неговиот колега Сашо Дуковски, во тој контекст, се осврна на изјавата на застапникот на обвинението, Лилјана Спасоска, која е и актуелен в.д. шеф на државното јавно обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, која претходно побара одложување на јавната седница на неопределно време за да може Врховниот суд да ги обезбеди доказите кои СЈО ги има за случајот „Монструм“.

– Тоа е прилично ретка појава, тој што гони самиот да бара одложување на седницата на неопределно време со цел за правилно утврдување на фактичката состојба, односно за обезбедување на тие докази, а времето ќе покаже каков ќе биде епилогот од тоа барање – рече Дуковски.