САД го кратат персоналот во амбасадата во Куба

Сподели

САД драстично го кратат персоналот во својата амбасада во Куба по низата мистериозни инциденти во кои беа повредени 21 вработени во амбасадата. Стејт департментот денеска соопшти дека амбасадата во Хавана ќе остане отворена и ќе обезбедува итни услуги, но редовното издавање визи ќе биде прекинато. Бројот на вработени ќе биде намален за околу 60 проценти поради „специфични напади“.

Ќе биде издадена и препорака до американските граѓани да не патуваат во Куба, а на персоналот што не е неопходен и на семејствата на дипломатите им е наредено да ја напуштат земјата.

Американските истражители, вклучително и агентите на ФБИ, се обидуваат да утврдат што е причината за повредите кои вклучуваат губење на слухот, вртоглавица, зуење во ушите, главоболка, замор и когнитивни проблеми. Информации за здравствени проблеми има цела година, а последните се пријавени во август годинава, велат американски претставници.

Ниеден Кубанец вработен во амбасадата не пријавил такви проблеми, но слични проблеми пријавил еден канадски дипломат.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп не ја обвинува Куба јавно за нападите, а фактот што на агенти на ФБИ им беше дозволено да допатуваат во Куба ја покажува подготвеноста на Хавана да соработува.
Двете земји ги обновија дипломатските односи во 2015 година по децениски прекин.

РСЕ