360˚: Кражба на деценијата во ЕЛЕМ?

Сподели

РЕК Битола со децении е синоним за домашното производство на струја. Но, последните неколку години комбинатот е синоним за „најтешките“ тендери во Македонија.
Сметката е 212 милиони евра само во последниве пет години. Тоа се пари од државниот буџет исплатени на приватни фирми, кои копале јаглен и јаловина или обезбедувале помошна механизација во рударско – енергетскиот комбинат.

Дотраената и расипана механизација на РЕК Битола може да се забележи на повеќе локации низ комбинатот. Но, дали можело да се избегне ваквата состојба и ангажирањето дополнителна механизација.
Нико Блажевски овде работи околу 30 години на различни позиции. Последните година и половина е возач.
„Со текот на времето, како се изамортизира, едноставно остана во многу лоша состојба. И оваа механизација што е последно купена е во речиси критична состојба, слабо се одржува. Акцент се стави на ангажирање надворешни фирми. Со зголемувањето на ангажирањето на тие фирми, автоматски останавме без машини ние“, раскажува Блажевски.
Само за ангажирање помошна механизација во РЕК Битола, од 2012-та година се потрошени 46 милиони евра. Парите се исплаќани врз основа на тоа колку часа месечно работеле машините. А, колку часа работеле, мерел ГПС систем инсталиран на неколку точки на машините.
Според документите кои ЕЛЕМ ни ги даде на увид, некои од машините работеле во просек и по речиси 20 часа дневно. На пример, една од машините, од една од фирмите, во мај годинава имала 602 часа што значи 19 часа и 25 минути на ден, вклучувајќи ги и викендите. Друга машина, пак, во април годинава работела 557 часа или 18 и пол часа на ден.
Можно ли е во работен ден поделен во две смени од по 12 часа, една машина да работела и по 19 и пол часа на ден или по речиси 10 часа на смена?

Нико Блажевски вели дека имало такви примери, но дека се реткост.
„При доаѓање, нормално, треба да стигне на работно место, да се подготви, работнича униформа, заштита итн. Да се транспортира до машината со специјално возило за транспорт на патници односно работници. Кога ќе стигне до машината треба да ја провери за гориво, мазиво, да ја исчисти и ако задолжението е итно мора да започне со работа. Некогаш може да се случи и до 10 саати да работи максимум што е многу ретко. Еве, од моето искуство во помошна махенизација, 6 до 7 саати е најреално“, смета Блажевски.
Во месечните извештаи за машините за кои во април или мај е прикажано дека работеле без малку по цели денови, впечатливо е дека во следните месеци се регистрирани значително помалку работни часови. За машината за која РЕК-от плаќал 19 и пол работни часови дневно во мај, во јули, на пример, биле прикажани, а со тоа и исплатени пари за вкупно 435 работни часа или 14 часа дневно. Во вториот пример, пак, од 18 и пол часа дневно во април, следните месеци бројот на работни часови опаѓа, за во август да заврши на 156 или 5 часа дневно.
Ова не се само поединечни случаи. Анализата што ја направиле во ЕЛЕМ покажува дека четирите приватни компании, чија механизација била ангажирана во РЕК Битола, во мај за своите услуги наплатиле 760.000 евра, за до август месечната сума да падне за околу 21 %  на 600.000 евра.

Случајно или не, периодот кога паѓаат овие трошоци се совпаѓа со смената на власта во земјава. Но, новиот директор на државните Електрани на Македонија Драган Миновски вели дека падот на трошоците кореспондира и со друг настан.

„Откако на 16-ти јуни заврши договорот за ЏПС уредите поставени на машините во РЕК Битола има еден тренд на намалување на работните часови откако контролата на работата на машините е преземена од вработените во РЕК Битола и со нивна контрола и дневни анализи се врши поставувањето односно контролата на работните часови на машините.  Ние испитуваме дали и за какви злоупотреби станува збор. Во моментов, исто така, имаме сознанија дека пред неколку години истиот проблем го воочуваат и самите вработени во РЕК Битола за што имаат допис до менаџментот тогашен на АД ЕЛЕМ, меѓутоа, тој допис, на тој допис одговор конкретен немаат добиено“, тврди Миновски.
Конкретно, велат од ЕЛЕМ, стручните служби во РЕК Битола во ноември 2015 година барале на машините да има уште еден ГПС показател за тоа дали тие работат или не. Причината е што воочиле дека системот може да се измами. Фирмата надлежна за ГПС уредите веднаш покажала подготвеност да излезе во пресрет и да воведе уште еден параметар за контрола. Побарале само официјален писмен допис од менаџментот, но одговор никогаш не добиле. Неретко се случувало и намерно кршење на ГПС-уредите за до замената со нов, податоците за работните часови да се внесуваат рачно.

„Сакаме да направиме анализа и за претходниот период на работа на надворешната механизација во РЕК Битол и во РЕК Осломеј и доколку се воочат одредени недостатоци, согласно документите кои ќе бидат презентирани, ние ќе ги процесираме,“ додава Миновски.
360 Степени побара мислење и од претходниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот став, интегрално, е:
„Новото раководство на АД ЕЛЕМ манифестира елементарно непознавање на материјата и навистина жалам што наместо да се зафати со решавање на реалните проблеми кои се од суштинско значење на компанијата, има за цел, по налог на Зоран Заев, да измислува случаи, клевети и да го контаминира моето име и презиме. Ги охрабрувам да ги искористат сите институционални и законски можности во интерес на вистината. Вакви и слични небулози, измислици и клевети во периодот кој следува од страна на наредбодавачите се очекувани. Мојот мотив е татковината и ќе сторам се, впрочем како што и досега го водев мојот живот чесно, одговорно и посветено, да го демонтирам овој ужас наречен Зоран Заев и СДС и да ја разденам мојата татковина од помрачувањето кое го донесе Зоран Заев и СДС,“ ни напиша Мицковски.

За волја на вистината, Мицковски беше директор на ЕЛЕМ нецела година – од септември 2016-та до разрешувањето на почетокот на август годинава. Пред него, 4 години со компанијата раководеше Дејан Бошковски, кој во октомври 2012-та го наследи Влатко Чинговски, кој, пак, беше директор на ЕЛЕМ цели 6 години, почнувајќи од септември 2006-та.
Дека нешто, во најмала рака, чудно се случува со трошоците на РЕК Битола покажа и еден тендер од летово, за ископ на јаглен. На електронската аукција победи фирмата „Трансмет“ на Сеат Кочан. Но, поважно е што победничката цена беше пониска за 70 отсто споредено со тендерите за истата работа од минатите години.
За потсетување, во изминатите пет години, сметката за ископ на јаглен и помошна механизација е 212 милиони евра. Еден процент помалку или повеќе од оваа вкупна сума изнесува 2,1 милиони евра. 20 проценти се 42 милиона евра – пари на граѓаните.
Извор: 360 Степени