Судијата Стојанче Рибарев, актуелен в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, си поднесе оставка, потврдија од Судскиот совет.
Како што соопштија оттаму, известувањето дека поднесува оставка Рибарев го доставил до Судскиот совет вчера. Пет дена претходно, тој испратил известување до Советот дека од истиот ден, односно 20 октомври, е на боледување и дека ќе го заменува судијката Дијана Груевска-Илиевска.
„На 25 октомври 2017 година, в.д. претседателот на Основен суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, до Судскиот совет на Република Македонија достави писмено известување дека поднесува оставка на функцијата в.д. претседател на Основен суд Скопје 1 и по неговото разрешување ќе продолжи да ја извршува функцијата судија на Врховниот суд на Република Македонија. Според наводите во известувањето, причините за поднесувањето на оставката се од лична природа“, стои во соопштението на Судскиот совет.
Оттаму додаваат дека имајќи ги предвид двете известувања, Судскиот совет во „најкраток можен рок ќе закаже и ќе одржи седница и ќе одлучува во рамките на своите законски надлежности“.
Оставката на Рибарев доаѓа во период кога најголемиот и најважниот суд е во фокусот на јавноста поради ревизијата што ја спроведува комисија на Министерството за правда, поради индициите за злоупореби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС), односно за распределување судски предмети, меѓу кои и тие на СЈО, кај одредени судии.
Во Кривичниот суд Скопје се одлучува и по обвиненијата што ги поднесе СЈО, за кои се очекува наскоро да почне и судската постапка. Деновиве актуелна е и постапката за екстрадиција на поранешните началници на УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски, што ја води Министерството за правда, а Кривичниот суд треба да ги подготви списите за случаите што се водат против нив.
Инаку, Рибарев е судија во Врховниот суд, а за в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 беше избран на 13 март годинава, откако судијката Татјана Михајлова си поднесе оставка, исто така, додека беше вршител на должност на таа функција.
Основниот суд Скопје 1 веќе речиси една година нема претседател, откако на почетокот на декември минатата година му истече мандатот на Владимир Панчевски, кој во изминатиот период е мета на обвинувања за лошите состојби во судот, а неодамна во неговата канцеларија и во неговиот дом СЈО изврши претрес во врска со предистражна постапка што ја води ова обвинителство.
Судскиот совет на 20 јули годинава донесе одлука да објави нов оглас за кандидати за шеф на Кривичниот суд во Скопје, откако претходниот оглас пропадна.