Панчевски смеел да снима дома, но не смеел да ги обајвува снимките

Сподели

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, судијата Владимир Панчевски, не се огрешил спрема Законот за заштита на личните податоци со тоа што поставил камера и снимал во својот дом, но објавувањето на снимките во јавност е проблематично и повлекува одговорност, велат за „Мета“ од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП).

Панчевски на почетокот на октомври оваа година, преку медиумите, во јавноста објави снимки од претресот во неговиот дом што го изврши Специјалното јавно обвинителство во врска со предистражна постапка. Тој тогаш, а и подоцна изјави дека снимката од претресот ја објавил како доказ за неговите тврдења дека еден од истражителите му го украл клучот од станот за време на претресот.

„Во согласност со член 4, став 1 од Законот за лични податоци, одредбите од Законот за лични податоци не се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши од страна на физички лица исклучиво заради лични активности или активности во домот“, стои во првиот дел од одговорот на ДЗПЛ, што го добивме денеска, на нашето прашање дали е законски лице да снима и да објавува снимки во јавност од видеонадзор во својот дом, што го испративме до Дирекцијата на 9 октомври.

На одговорот е потпишан директорот на ДЗЛП, Горан Трајковски.

За објавувањето на снимките во јавност, од ДЗЛП велат дека без разлика дали постои или не постои повреда на правото на заштита на личните податоци на лицата кои се на снимките, снимањето во домот и јавното објавување на снимките не ја исклучува одговорноста предвидена со друг закон.

„Во однос на второто прашање, односно објавувањето на снимките од домот во јавност и евентуалната повреда на правото за заштита на личните податоци, потребно е истото да се поврзе и да се оценува низ призма на дефициницијата за тоа што претставува личен податок, која е дадена во членот 2, став 1, точка 1 од Законот за заштита на личните податоци:

Личен податок е секоја инфромација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

Оттука доколку од објавените снимки не може на директен или индиректен начин да се утврди идентитетот на субјектот на личните податоци, објавувањето на таквата снимка не претставува повреда на прописите за заштита на личните податоци. Во спротивно, доколку од објавените снимки може на директен или индиректен начин да се утврди идентитетот на субјектот на личните податоци, а притоа таквата снимка е направена без нивно претходно информирање и согласност, би можело да претставува повреда на прописите за заштита на личните податоци. Во секој случај, без разлика на постоењето или непостоењето на повреда на правото на заштита на личните податоци на субјектите на личните податоци, таквото постапување (снимање во домот и јавно објавување на снимките ) не ја исклучува и одговорноста предвидена со друг закон“, стои во одговорот од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Инаку, според членот 152 од Кривичниот законик, „тој што неовластено ќе направи фотографски, филмски или видеоснимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото противзаконито го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба.

Во членот 149, пак, се вели дека тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, а ако делото го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.