Кахремани добивал закани по живот откако станал в.д. претседател на Беса

Сподели

Вршителот на должност претседател на Движењето Беса, Неџмедин Кахремани денеска извести дека по неговиот избор за в.д. престедател, од вчера имал сериозни закани по живот за него и семејството.

– Ги поздравувам сите лица кои ми се закануваат и тие се веќе пријавени во полиција. Со овој случај е запознат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а ќе бидат известени и сите дипломатско-конзуларни претставништва, Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ и на ОБСЕ. Мојата должност на пратеник сум ја прифатил, бидејќи сите точно знаат кој ги доби гласовите во Тетово – информираше денеска Кахремани во Собранието.

Во однос на случувањата во партијата, тој рече дека Движењето Беса е доволно консолидирано и со одржувањето на Конгресот идниот месец, се ќе биде во ред. Додаде дека нема скопски огранок на Беса, туку дека едно е Движењето Беса.

– Освен мојот интелектуален и професионален дигнитет, денес ги претставувам и моите гласачи и затоа ги замолувам сите кои нарачуваат закани не можат да ме спречат да ја вршам должноста чесно и доследно – додаде тој.