Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, со која претседаваше претседателот на Комисијата г.Артан Груби, ја оддржа 8. седница, на која амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Иван Великов Петков ги презентираше Програмата и Приоритетите за работа на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина од 2018 година.
Претседателот на Комисијата, г.Артан Груби, во своето воведно излагање посочи дека Македонија очекува на 12. јули на Самитот на НАТО во Брисел покана за членство, како и почеток на преговори за наше членство во ЕУ, во текот на бугарското претседавање со Советот на Унијата. Притоа, укажа дека мора да се направат потребните реформи во судството, безбедносниот систем, начинот на владеење, медиумите, борбата против корупцијата и другите задачи кои ги добиваме од Брисел. Исто така, ја нагласи важноста од што поскоро враќање на опозицијата во Парламентот.
Амбасадорот Великов Петков, во своето обраќање ги информира пратениците и присутните гости за мотото на бугарското претседавање со ЕУ “ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ” како и за приоритетите, меѓу кои го истакна вториот приоритет посветен на европската перспектива и поврзаност на Западен Балкан во ЕУ. Во тој контекст, информира дека претседателот на Европската комисија г. Јункер, исто така, изјави дека придвижувањето на Западниот Балкан во ЕУ ќе биде примарна цел и на Комисијата во текот на оваа година. Амбасадорот порача дека неговата земја ја поддржува Македонија во напорите на владата на премиерот Заев, опозицијата и граѓанскиот сектор за постигнување на највисоките национални цели, членство во ЕУ и НАТО и тоа да се случи за време кога со Европскиот совет кога претседава токму Бугарија.
На седницата свои воведни излагања имаа и Заменик претседателот за европски прашања на Владата на Република Македонија, г. Бујар Османи, Министерот за надворешни работи на Република Македонија, г.Никола Димитров, како и Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.
Исто така, како претставник на најголемата партија на власт СДСМ, говореше и пратеникот г.Бетиане Китев, како и координаторот на пратеничката група на ДУИ, г.Ејуп Алими.
На седницата беа поканети и присуствуваа пратеници од повеќе собраниски комисии, претставници на Дипломатско-конзуларните претставништва во Република Македонија, како и бројни претставници на домашни и меѓународни невладини организации.