Димитров и Коѕијас на состанок со Нимиц во Виена

Сподели

Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Виена ќе ги продолжат преговорите за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, под посредништво на медијаторот Метју Нимиц.

Метју Нимиц минатиот месец рече дека се подготовува нацрт-договор од четири точки кој, доколку биде прифатен, ќе претставува основа за решавање на спорот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји, и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.

Пред оваа средба во Виена, двете страни ги најавија своите ставови. Премиерот Зоран Заев рече дека Владата е подготвена за име со географска одредница без промена на Уставот, а грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера го повтори ставот дека рамката што го гарантира затворањето на проблемот е сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба за кое треба промена на македонскиот Устав и повлекување на сите сомнежи за иредентистички ставови.