Кривична против ЕЛЕМ и директори во РЕК Битола за загадување на животната средина

Сподели

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и против поранешни и актеуелни директори и раководители во РЕК Битола поради загадување на животната средина и природата.

Како што соопштија денеска од МВР, кривични пријави се поднесени против И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК Битола, Ј.К. (67) од Битола, директор на подружница РЕК Битола, О.З. (54) од Битола, директор во РЕК Битола, З.М. (44) од Битола, раководител во подружница РЕК Битола и против С.А. (63) од Битола, раководител во подружница РЕК Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „загадување на животната средина и природата“.

Кривична пријава е поднесена и против АД Електрани на Македонија – Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.

„Имено, по претходна пријава до СВР Битола и до ОЈО Битола, во тесна координација и дадени насоки за постапување од Јавното обвинителство направени се низа проверки при што е констатирано дека пријавените физички лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина. Дозволиле преку работата на пријавеното правно лице да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен“, стои во соопштението на МВР.

Осомничените физички лица, се додава во соопштението, дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел и земја.

„На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето“, стои во соопштението.