ДУИ, „пајак“ не ја крева! – Сашо ОРДАНОВСКИ

Сподели

Вниманието што Беќир Асани, со еден релативно минорен инцидент, го привлече во македонската јавност, го одразува превладувачкиот став во јавноста кон самата ДУИ. Не е проблемот во тоа што некаков Асани, во манир на маалски силеџија, тргнал да ѝ вика и да ѝ се заканува на сообраќајната полицајка што сакала да го казни заради погрешно паркираниот џип, туку проблемот е што Асани го симболизира арогантното и „распрдено“ однесувањето на политичката партија ДУИ: неказнети за криминалите од долгото братско владеење со ВМРО-ДПМНЕ, се однесуваат како размазени балерини за кои законите не смеат да важат како и за другите граѓани во државата, бидејќи без нивните десетина пратеници во Собранието ќе ја нема ни оваа, ни некоја друга мултиетничка влада во сегашнава Македонија.

Затоа јавноста (и тоа не само етничката македонска) има сериозен проблем со умислените „солирања“ на Артан Груби, со „преценетото“ однесување на Бујар Османи (кој со иста самоувереност може да брани две тотално спротивни тези, ако треба), со клиентелистичките распределби на буџетот за културни проекти, со инсистирањето по секоја цена, по пат на уцени, да се помине потребниот, но недоквакан закон за употреба на албанскиот јазик, со „шверцувањето“ на кадри како Лазе Еленовски и со разни други секојдневни глупиранции и „континуитети“, како од времињата на дружбата меѓу Мијалков и Муса Џафери.

 Во таков контекст „упаѓа“ случајот „Беќир Асани“: ДУИ се поистоветува со еден семоќен чаирски багабонт кој, пак, е инструментален партиски механизам за справување со политичката и криминалната конкуренција во и вон ДУИ, со методи што ги познава асфалтот на една од најзапуштените општини во Скопје. Па, не може ЕДЕН Беќир Асани да си дозволи да биде казнет од некаква полицајка, богати! Што ќе кажат чајџилниците на тоа?!

А, гледајте, таа примитивна мачистичка логика на свој „паунски“ начин ја следи и Зијадин Села, кој вели дека ДУИ треба да ја напуштат Владата заради неизгласувањето на Законот за јазиците – „ако се мажи“… Оти, „бидејќи се жени“, не се вредни за натамошна „машка“ дискусија по важни прашања. Тоа се вика да се бараат оправдани јазични права од 21 век, со политички речник од 19 век!

Да не бидам погрешно сфатен: немојте да мислите дека ваквата мачо-политичка логика им е својствена само на албанските политичари во Македонија, бидејќи сум апсолутно уверен дека уличарските партиски екстензии и на македонските партии исто би реагирале во ситуации слични со „џипот на Асани“! Бидејќи сум повеќе на велосипед, отколку во автмобил, често сведочам слични ситуации низ центарот на Скопје во кои „мускулите“ решаваат за тоа како ќе се применува законот.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.