Бобан Илиќ осуден на шест години затвор за случајот „Алмир“

Сподели

Бобан Илиќ е осуден на шест години затворска казна за случајот со малиот Алмир, одлучи кумановскиот суд.

Тој пред две години со своето возило го усмрти осумгодишниот Алмир, по претходна расправија со неговиот татко.

За осудени се прогласени и Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу за делото „насилство“. Тие добија казни затвор од шест до девет месеци.

Според судијката, сите заедно придонеле да се случат последиците.

Според адвокатот Асмир Алиспаиќ станува збор за уште еден монтиран случај.

„Иако е предвидена казна од четири до 20 години, казната од шест години затвор е засрамувачка. Судот воопшто не ги зема во предвид олеснителните околности како губиток на дете. Туку се дрзна да ги осуди таткото, чичкото и братучедот на семејството. Јас како правник ќе се борам да докажам дека е ова монтиран случај. Самото обвинителство го водеше процесот за ваков резултат да се добие. Ние верувавме дека судот ќе изрече многу повисока казна предвидена согласно Кривичниот законик“, изјави Алиспаиќ за медиумите.

Илиќ се товари за „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, откако првично беше обвинет за „убиство со умисла“ но по двете вештачења доставени од Јавното обвинителство, кумановскиот суд го преквалификуваше делото во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Ваквата одлука предизвика бурни реакции во јавноста за што се одржаа повеќе протести во Скопје и Куманово.