ГРАДОТ УБАВ – Уметници со графити ќе го разубавуваат СКОПЈЕ во ГТЦ

Сподели

Младински културен центар – Скопје распиша повик за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност, за избор на 20 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Градот убав“.

Од МКЦ посочуваат дека „Градот убав“ е темата со која ќе биде започнат уникатниот културен проект, а идејата е, во склоп на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – објектот на Градскиот трговски центар, да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити културата.

„Целта на оваа интервенција е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор“, соопшти МКЦ.

Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни 2018 година ќе се случи официјалното отворање на галеријата. Локацијата на настанот е автобуската постојка во склоп на Градскиот трговски центар – Скопје,
на потпорниот ѕид во кој ќе бидат формирани 20 полиња за работа.

Краен рок за пријавување е 24 мај 2018 година. Повеќе детали ОВДЕ.