Во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вечер свечено ќе бидат отворени 55. Рацинови средби. На отворањето на манифестацијата ќе има меѓународен поетски митинг, настап на Камерниот црковен хор „Св. Пантелејмон“ и концерт на Влатко Стефановски. Беседа за Рацин ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска.
Пред официјалното отворање, попладне ќе биде положено цвеќе на Спомен-костурницата, ќе биде оддадена почит пред споменикот на поетот Кочо Рацин на плоштадот во Велес, ќе биде промовирана поштенска марка со ликот на Рацин и ќе има изложба со портрети од поетот на сликарот Ангел Петров.
Манифестацијата, која се реализира со поддршка на Министерството за култура, ќе заврши утре кога ќе опфати уште неколку настани – меѓународна конференција на тема „Унапредување на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик – Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот на македонскиот јазик.
Годинава се одбележуваат три годишнини – 110 години од раѓањето на Кочо Рацин, 75 години од неговата трагична смрт и 55 години од манифестацијата „Рацинови средби“.