САД излегуваат од Советот за човекови права на ОН

Сподели

САД се повлече од Советот на ОН за човекови права, изјави американската амбасадорка во ОН Ник Хејли, истакнувајќи дека тоа е „организација која не е вредна за името кое го носи“.

Соединетите држави соопштија дека излегуваат од Советот на ОН за човекови права, наведувајќи дека во таа агенција недостигаат реформи и дека таму има постојана кампања против Израел.

Ники Хејли го соопшти ова на прес конференција во Стејт департментот. Таа посочи дека во ова тело имало и членки како Конго и Кина, земји кои ги кршат човековите права. Исто така таа наведе дека Израел бил постојано цел на критики во расправата за ситуацијата на Блискиот исток. Вашингтон одби да му се придружи на Советот кога беше формиран во 2006 година за време на претседателот Џорџ Буш, но неговиот наследник Барак Обама го направи тоа во 2009 година.

„Со овој чекор, сакам да биде кристално јасно дека тоа не значи повлекување од нашиот ангажман во врска со човековите права“, додаде Хејли.

Американската амбасадорка, потсети дека пред една година јасно стави до знаење дека САД ќе остане во советот на ОН само ако „бидат спроведени суштински реформи“.