Одлуката на Вселенската патријаршија да може да објавува автокефалност на црквите и без согласност на останатите помесни православни цркви, го отвора патот за признавање на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, оценува митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, Тимотеј.
– Тоа ќе значи дека МПЦ ќе биде призната од најголем дел од православните цркви како рамноправна православна црква која ќе може да сослужува и ќе може да комуницира на рамноправна основа, а дали ќе биде СПЦ или некоја уште со неа согласна или не тоа не треба да не вознемирува зашто ова не го решаваме ние, туку го решава Вселенската патријаршија која е прва по чест, но не само по чест туку има и некоја власт ако си прв. А тие одлучија да дадат онаму каде подолго време тлее црковен проблем и мајката црква на канонски начин не сака да го реши тоа, а другите православни цркви кои се наоѓаат во таква состојба бараат помош од Цариград како апелација на некој начин и велат дека ние сме повикани да им помогнеме на тие цркви и на тие народи и во тој поглед одговорноста ја презема цариградската патријаршија, а не МПЦ, вели владиката Тимотеј во изјава за Радио Слободна Европа.
МПЦ е подготвена за разговор со Цариград за изнаоѓање начин за решавaње на македонското црковно прашање, посочува владиката Тимотеј. Очекува во наредниот период да има средба на комисиско ниво на претставници на Вселенската патријаршија со дел од архиереите на МПЦ.
Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија на состанок одржан во Истанбул од 1 до 3 септември, донесе одлука да може да објавува автокефалност на црквите кои сакаат да добијат независност, и без согласност на останатите помесни православни цркви. Тоа според верските аналитичари практично значи дека Руската и Српската црква нема да можат да ја спречат независноста на Украинската и на Македонската православна црква.
Руската и Српската црква се изјаснија против независноста на Украинската и на Македонската црква, инсистирајќи на тоа дека за да добијат тие автокефалност, потребно е со тоа да се согласат сите останати православни цркви. Со тоа, Москва и Белград се надеваат дека ќе го блокираат патот на Македонија и Украина кон независност на црквите.
Московскиот патријарх Кирил пред неколку дена беше во Истанбул на средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, во обид да го спречи давањето авфокефалност на Украинската и на Македонската црква. Грчки и бугарски медиуми, повикувајќи се на извори во Вселенската патријаршија, објавија дека се очекува до крајот на месецов, Цариград да издаде томос за независност на Украинската црква. Се уште не е познато во која фаза е постапката во однос на Македонската православна црква.