Уставен суд одлучува за референдумот

Сподели

На денешната седница Уставниот суд треба да се произнесе за иницијативите за референдумот што ги поднесоа „Левица“ и  Светскиот македонски конгрес, со кои се бара поништување на одлуката за референдумот и времено да бидат стопирани активностите поврзани со него.

Подносителите сметаат дека одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот, Законот за референдум и, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија. Бараат Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.

Судот може да ја прифати или отфрли иницијативата, или пак, да прогласи за ненадлежен. Известител е судијката Елена Гошева и, како што се дознава неофицијално, таа во рефератот предлага Уставниот суд да поведе постапка за преиспитување на уставноста на одлуката и воведување времени мерки, што значи прекинување на сите подготовки за спроведување на референдумот, активностите на ДИК, на Владата, на Собранието и целата кампања.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера порача оти е голема одговорноста во овој момент, кое било тело, дури и Уставниот суд клучот да го земе од рацете на граѓаните.

На прес-конференцијата со германскиот колега Хајко Мас, рече дека на ниво на аргументи има две тези. Првата е дека ни треба посебен задолжителен референдум за стапување во сојуз со други држави. Таа уставна одредба, како што појасни, се однесува кога се пренесува суверенитет.

– Точно е дека за членство во ЕУ ќе имаме една таква работа, но тоа нема да се случи утре, ќе поминат неколку години – нагласи Димитров.

Тој смета дека одредбата се однесува главно на стапување во сојуз со други држави во смисла на федерација или конфедерација. Вели дека за НАТО, која е меѓународна владина организација, таа одредба не е релевантна.