Kампања против врсничко насилство ,,И зборовите повредуваат“ ,,Булинг? НЕ во моето училиште!“

Сподели

 

Што е Булинг? Од каде потекнува и кого засега? Кој е Кругот на меѓуврсничкото насилство? Кои се улогите на учесниците во чин на насилство? Како да го искорениме? Кој е одговорен? Како да создадеме училишта без насилство? Кои се превентивните чекори кои во училиштата може да се преземат а кои во случаи кога има инцидент на насилство?

Ви ја претставуваме кампањата против булинг во училиштата и надвор од нив, наменета да не предупреди за сериозноста на врсничкото насилство. Свесноста дека постои насилство и неговото препознавање е само прв чекор во справувањето со овој проблем. Сакаме долгорочни и адекватни стратегии кои градат училишта (и општество) нетолерантни на насилство.

Меѓуврсничко насилство вклучува широка лепеза на однесувања кои се повторуваат помеѓу врсниците со намера да се навреди/повреди другиот (давање прекари, навредливи коментари, крадење или уништување на своина, графити, озборување, потсмевање, изолација, физичко насилство, сајбер насилство итн.).

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ од денес 21 Септември – меѓународниот ден на мирот, започнува кампања против врсничкото насилство кое за жал е се поприсутно, особено во училиштата низ државата. Кампањата ќе се одвива и развива во текот на целата учебна година на национално ниво под слоганот „И зборовите повредуваат“ а за училиштата под слоганот ,,Булинг? НЕ во моето училиште“.

Кампањата против врсничкото насилство ќе добие зголемена јавна видливост преку:

– поставување 35 билборди и 15 Сити лајт постери во повеќе градови низ Република Македонија (Велес, Скопје, Дебар, Гостивар, Виница итн.);

– краток видео клип што ќе се објавува на социјалните мрежи, телевизиите, радио станиците;

– дистрибуирање материјали за учениците/чките од вклучените училишта во програмата за Мировно образование при Детската амбасада МЕЃАШИ (пенкала, тетратки, беџеви, флаери, постери, маици, налепници итн.) со содржини кои го промовираат ненасилството и поттикнуваат на подобро меѓусебно разбирање. Дел од промотивните материјали се објавени и на албански и турски јазик, а во текот на учебната година ќе бидат објавени и на јазиците на другите етнички заедници.

Исто така, во рамки на кампањата преку целата учебна година ќе бидат одржани серија обуки за наставните кадри на тема ,,Булинг“ и како да се превенира и работи на намалување на врсничкото насилство и последиците од истото. Во рамките на училиштата ќе се одржат серија активности, работилници, форум театри, танц театри, дискусии на темата ,,Булинг“…а исто така ќе биде објавен и прирачник за наставниците. Во склоп на другите печатени материјали децата ќе имаат можност да се запознаат на повидлив начин со ЅОЅ контактите за деца и млади при Детската амбасада МЕЃАШИ:

0800 1 2222 – бесплатна телефонска линија (само преку фиксен телефон)

02 2465 316

sos@childrensembassy.org.mk

https://www.facebook.com/SOSHELPLINEMEGJASHI/

Цели на кампањата/пораки кои сакаме да ги упатиме:

Препознавање, навремено и адекватно реагирање на различни случаи на врсничко насилство.

Врсничкото насилство не е прифатливо и не смее да се третира како „деца се, се караат па ќе се смират“.

Здружено градење средини кои нема да бидат толерантни кон врсничкото насилство и кои ќе реагираат на овие појави, воедно и превентивно делување но и итно реагирање кога насилството се случува.

Целни групи:

Секоја целна група може да придонесе во справувањето со врсничкото насилство на повеќе нивоа и начини и секој ангажман е добредојден.

Наставниците, родителите, старателите и сите кои работат со деца да ги учат децата како да ги идентификуваат формите на булинг (и доколку се жртви и доколку се сведоци), и на кој начин безбедно да реагираат и да се заземат за себе или некој/а друг/а.

Училиштата – наставниците, и сите вработени може да помогне да се спречи булингот преку воспоставување и спроведување правила и политики кои јасно опишуваат како се очекува учениците/ките да се однесуваат едни со други, да поттикнуваат ненасилна разработка на конфликти итн.

Државните и образовните институции и/или локалните заедници да преземаат активности за да се спречи/намали врсничкото насилство, да развиваат механизми за заштита.

Родителите, вработените во училиштата, политичарите и сите други возрасни лица во заедницата можат да им помогнат на децата да го спречат насилството со тоа што ќе зборуваат за тоа, ќе се вклучат во градење безбедни училишни средини, ќе размислуваат за стратегии за превенција на булингот и на локално и на национално ниво итн.

Активности: Училиштата вклучени во Програмата за Мировно образование ќе изведуваат низа активности посветени на борбата против врсничко насилство како: Мировен марш против булинг, активности за препознавање на формите на булинг во училиштата, литературни или ликовни конкурси на зададена тема, работилници за ученици/чки како да препознаваат насилство и да реагираат на насилството во училиштата, работилници за наставниот кадар на тема врсничко насилство, кратки сесии за промислување како кон намалувањето на насилството во училиштата, итн.

ПДАС Меѓаши упати порака до сите училишта во Република Македонија да се вклучат во Кампањата против врсничко насилство и прилагодено на детската возраст да разговараат на тема врсничко насилство или самите да осмислат адекватни активности.

Согласност и поддршка за кампањата добивме и од Министерството за образование и наука (МОН), кое смета дека планираните активности се во интерес на подигнување на свеста за сериозноста на врсничкото насилство, справувањето со овој реален проблем и дека истите се во насока на градење училишта нетолерантни кон насилство. МОН препорачува по повод 21 Септември – меѓународниот ден на мирот да не се нарушува воспитно образовниот процес и сите активности да се спроведуваат во координација со директорите на училиштата и родителите на учениците Досега за кампањата свои активности најавија многу училишта, меѓу кои само од Скопје: СУГС „Никола Карев”, СУ „Зеф Луш Марку”, ОУ „Брака Рамиз и Хамид”, ,,Јан Амос Коменски”, ДСУРО „Св. Наум Охридски“, Ј.У. Завод за рехабилитација на деца и младинци“, СМУГС „Др. Панче Караѓозов”, ООУ „Аврам Писевски”, ОУ „Петар Здравковски Пенко”, ООУ „Братство”, ООУ „Лазо Трпоски“, ООУ „Вера Циривири- Трена”, ОУ „Владо Тасевски“, како и од другите градови на пр. СУ „Кочо Рацин” –Велес, СУ „Гостивар”- Гостивар,  ДСУ „Искра“- Штип и др.

Сите заинтересирани за изведување на некоја активност или вклучување во кампањата се повеќе од добредојдени. Контактирајте не на peace@childrensembassy.org.mk