МАКЕДОНИЈА БАРА СПАС! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Башхур сонувал да го посети Камир, градот од соништата. Патувал три дена и три ноќи низ пустината Тар и најпосле на видик му се појавил убавиот град. Пред влезот огромни зеленила, градини и цвеќиња од разни видови и бои. Свежината, мирисот и убавината му ја вратиле силата. Но, за чудо пред самиот влез здогледал едни гробишта. На еден бел камен прочитал: Абхал Кахел – живеел 3 години, 4 месеци, 12 дена! Понатаму: Мерахал Бунџаб – живеел 2 години, 7 месеци, 5 дена! Пак: Кандух Салем – живеел 4 години, 8 месеци, 18 дена. Илјадници гробови со слична содржина. Башир страшно се потресол, солзите му течеле како никогаш, почнало нешто силно да го стега во градите. Низ плач со сиот глас извикал – Што им биле виновни тие сироти деца за таков масовен погиб?!

Му пришол чуварот на гробиштата и го смирил – „Човек, кај нас е обичај да се смета за живеење само тој ден кога си направил некое општо добро дело. Се друго е загубено време. Секој од нив за цел свој живот толку направил и тоа е пресметано во години, месеци и денови“.

А колку ние како производители на масовно зло сме живееле вистински? Како ли ќе се пресмета тоа време кога некои масовно ги ограбија луѓето и државата?! Газеа по нивниот живот и достоинство! Помладите ги зграпчија од прегратките на нивните мајки и ги избркаа неповратно. Способни избркаа, а неписмени задржаа! Сега елитен свет ни доаѓа за да не моли за нашето добро. Бојкотирачите, не само што не сакаат да ги видат, туку дрвја и камења по нив. Веќе отворено го насочуваат јазот кон руската воденица, а се друго што кажуваат е обична техника. Велат дека бранат некаков идентитет, достоинство или гордост од никого загрозени, освен од нив самите. И наместо барем малце да се покајат, тие уште повеќе нудат страдање. Токму тие што капитулираа два милиони луѓе сега зборуваат за капитулантски договор!  И расколот е тука оти не сите вмровци јадат сено. Група пратеници од таа партија кажаа дека зборот на нивниот лидер не вреди пет пари. Нема да гласаат за уставните измени и со тоа практично би гласале за фрлање себеси во јама, оти нивните шанси повторно да се избираат се помали отколку да ги погоди метеор. Избори веднаш би се раслишале и ВМРО би се преполовила. Нивниот трул патриотизам може да се продаде само кај тие со трул мозок. А такви нема многу. Луѓето сега гледаат дека Заев од маргинална држава пред распаѓање направи Мека од врвни светски лидери. Такво нешто се нема случено низ векови. Заев одлично сфатил дека најдобриот начин за да го победите противникот е да станеш негов пријател. ВМРО со лажен патриотизам ги држеше понастрана ЕУ и НАТО за да инсталира мафиократија.

„Донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“, соопшти Мицкоски, ама убеден дека знае што треба да направат!!! И потоа со сите рафали против договорот со Грција! Голата вистина ја прикажуваат како порнографија. Кога се вели дека граѓаните самите ќе одлучат дали ќе гласаат и како, тоа значи дека сте прогласиле неутралност и немате право да им ја силувате совеста. И така таквата нивна свест и совест се тешко оштетени од Груевски и екипата.

Наспорти сите посети од светскиот врв со најдобронамерни цели и пораки, дел од ВМРО упорно работи за бојкот. Но, по успешниот референдум умереното крило на оваа партија ќе добие силна меѓународна подршка за да ја преземе партијата или да формира нова, која нема да биде проруска туку прозападна. Сите тие партиски, граѓански и црковни структури потпомогнати од Спутник ќе завршат како рибата на суво. Потоа следи тоа:- „Ако ве предадам – убијте ме“. Тогаш ќе се активираат и меѓусебните кубури и ками. А тие интелектуалци-меценари, тогаш ќе пробат да го исперат нивниот ептен валкан морал. Но, на сите ќе им биде јасно дека ВМРО не е партија, ниту терористичка организација, туку масовно труечка компанија. Ги труеше луѓето со Грците (а правеше црни бизниси со нив), потоа со Западот, потоа со опозицијата, религијата, иконографијата, историјата. Масовно труење со нацијата, и сега Мицкоски нека му ја мисли со таква елементарна подвижна несреќа, која од идиоти правеше ценети луѓе.

Нив не ги интересира ниту опстанокот, ниту безбедноста на државата која може да го запали целиот Балкан. Се сеќаваме пред некое време кога Жан Клод Јункер кажа: “Му реков на потпретседателот Пенс да не зборат во полза на Брегзит, оти ако ЕУ се расформира, ќе имаме крвава војна на западниот Балкан“. Реално Блискиот исток е се побликсу до нас. А Мицкоски кратковидно калкулира дека ако падне референдумот, ќе падне владата. За таква слаба анализа никогаш не се добива преодна оценка ни на првата година на факултетот за политички науки. Оти токму тогаш е крајот на ВМРО. Токму поради толкавата голема победничка маса која само поради цензус може да се претвори во губитничка маса – ќе следи силна одмазда. Заев не може да сонува толку, колку што ќе може да добие. Во политиката или си играч или ќе бидеш играчка.

Компромиси праваат и најслините држави на светот. САД и Русија направиле историски компромис за Куба (се спасил светот). Кина и Русија за реката Амур. Индија и Кина (за Тибет). Индија и Пакистан (за Кашмир). Турција и Грција за Кипар. Србија сега со Косово. Тое се тешки компромиси. Многу потешки од нашиот. Светот се чуди со нас иако сака да не разбере. Но, не дај боже да падне референдумот. Несреќи на сите страни, изолација, визи, затворени фондови, а башка што никој веќе нема да ја штити Македонија. Преуморни се за тоа. И не вреди ако ние самите на сакаме. А први од тука ќе бегат токму бојкотирачите.

И тој мал процент барем наивни и неуки бојкотирачи, мора да сфатат дека гласот на референдумот е глас и за нивен спас, и спас за нивните деца и внуци. Тоа е глас за мир и прогрес. Глас за нормалност, наспроти грабежот кој го видовме. Доста им го пропуштаме патот на будалите, оти ние ќе немаме накај да се движиме. Тие со години ги заземаа не само патиштата, туку и сите институции, и судовите, и обвинителствата, па и нашите куќи и животи. И затоа сме вечно последни. А бевме меѓу првите. Сега сме пак во центарот на вниманието и друга шанса веќе нема да имаме. Не треба пак да им се верува на тие со кои Лаура Ковеши ќе направеше владин кворум во Идризово. Референдумот сигурно ќе успее, а тука голема заслуга има и неодговорната мината власт. Доволно е тие да кажат НЕ за да биде ДА. Противејќи се на единствениот нормален пат, нѐ доведоа до слеп пат. Сега оправдано се пред голем раскол. Со години уживаа по луксузни јахти, а сега бараат чамец за спасување. Од црни пари, бел ден не можат да видат. Наместо пари сега бројат денови.  Помножуваат, делат, минусираат, резултатот пак нула негатив. Секој ден ни ја полнеа главата дека се убава принцеза, а видовме дека ти биле само една грда вештерка. Цело време се фалеа со невидливото. Живееле нула години, нула месеци, нула денови. А Иванов ми наликува на Кристофер Колумбо. Тој кога заминал, не знаел каде оди. Кога стасал, не знаел кај се наоѓа. А кога се вратил, не знаел кај бил! Го бојкотира спасот на државата! Конечно за да го запреме бегањето во Европа, треба Европа да ја донесеме тука.