Нобелова награда за мир за активистите во борба против сексуалното насилство во воените конфликти

Сподели

Лекарот од Конго Денис Муквеге и активистката Надиа Мурад од Ирак се добитници на Нобеловата награда за мир 2018 поради нивните напори во борба против сексуалното насилство во воените конфликти.

„Тие ја ставија сопствената безбедност во ризик со тоа што храбро се бореа против воените злосторства за да обезбедат правда за жртвите“, соопштија од Нобеловиот комитет.

Муквеге е светски познат гинеколог и основач на болницата Панзи во Букаву, Демократска Република Конго (ДРК). Тој спасил голем број жртви на сексуално насилство во неговата родна земја, каде што неговата болница стана засолниште место на надеж за илјадници жени.

Во неговата болница, жените се третираат од вагинални повреди, последици на силување и исто така ги советува и нуди третмани за психолошките последици од нивните искуства.

25-годишната Надиа Мурад е активистка за човекови права од Ирак. Таа беше една од околу 3 илјади девојки и жени Јазиди кои беа жртви на силување и други злоупотреби од припадниците на Исламската држава, кога терористите навлегле во поголемите ирачки градови во 2014 година. Нобеловиот комитет истакна дека Мурад покажала неверојатна храброст при сведоштвата за нејзиното патење и била гласноговорник за ужасните искуства низ кои поминувале другите жртви.

Оваа година за угледната награда биле номинирани 331 лице и организации. Победниците ќе поделат и парична награда во вредност од околу 1 милион евра.