Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Чешката Република Јан Хамачек денеска во Прага го потпишаа Протоколот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Чешка Република за спроведување на Спогодбата за преземање на лица со незаконски престој (Протокол за реадмисија), со што се овозможува регулирање на процедурите за преземање на лица со незаконски престој меѓу двете држави, но и дополнително се зајакнува соработката со цел поефикасна борба против илегалната миграција.
На денешната средба министрите Спасовски и Хамачек ја потенцираа добрата соработка меѓу двете држави. Министерот Спасовски се заблагодари на Чешката Република и Министерството за внатрешни работи за несебичната поддршка и помош за македонската полиција во справувањето со миграциската криза, еден од најголемите предизвици за Република Македонија, со кој можевме да се справиме само преку заемна соработка меѓу државите од регионот, поткрепена со силната поддршка на државите од Вишеградската група и Европската Унија.
Чешката Република направи многу за да и помогне на Република Македонија и тоа преку доделени донации за справување со последиците од миграциската криза, како и за зголемување на капацитетите на македонската полиција, но и со присуство на контингентите на чешките полициски службеници, кои учествуваат во заедничките активности со македонските полициски службеници за зајакнат надзор и контрола на нашата јужна граница – стои во соопштението на МВР, по средбата на министерот Спасовски и министерот Хамачек.