Големо количество дарувана крв завршила во отпад

Сподели

Поради несоодветни кеси, било фрлено огромно количество од крвта добиена во крводарителски акции, немало правилен систем за документирање и контрола на приемот обработката и издавањето на крвта, а неправилно се работело и со парите и со набавките.

Такви заклучоци изнесува ревизијата на регуларност за Институтот на трансфузиона медицина за работење со сопствени средства во 2017 година, изработена од Државниот завод за ревизија. Ревизорите даваат идентична генерална оценка и во ревизијата на регуларност за работењето со сметката со приходи од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

Констатирани се слабости на интерните контроли на наплатата, уплатата на готовината од благајната и преносот на парите на трансакциската сметка.

На благајната се констатирани кусоци и корекции на состојбите, како и корекции на фискалните апарати без документирани објаснувања, а проблеми имало и во врска со ангажирањето на вработени со договор на дело, како и проблеми со евидентирањето, обработката и издавањето на крвта и крвните продукти.

Државниот завод за ревизија утврдил и проблеми со исплатите за службени патувања, мобилна телефонија, репрезентација и режиски трошоци, односно не се вршеле соодветни контроли на овие плаќања. Покрај тоа, имало и недоследности во начинот на доделување на договорите за јавни набавки и следењето на нивната реализација.

Забелешките се однесуваат на 2017 година, односно на периодот кога управувале Емилија Велкова, в.д медицински директор од 2013 до 4 август 2017 година, Авни Исмаили, в.д. организациски директор од 2009 година и Кочо Димитровски, в.д. медицински директор од 4 август 2017 до 28 март 2018 година.

Освен тоа, констатирано е и непочитување на некои законски прописи, а при наплаќање на пациентите „на приватно“ се одредувале цени исти со референтните, што, според државната ревизија се прениски цени за пациентите што сами ја плаќаат целата услуга.
Дополнително, привремено биле ангажирани во еден момент и 22 лица, што е над законскиот миниум за привремени вработувања без дозвола од Министерството за финансии. Со нив не биле потпишувани договори на дело.

Утврдено е дека не биле поведени постапки за наплата или тужење за побарувања постари од три години, во вкупен износ од 10,2 милиони денари (повеќе од 165.000 евра). Вкупните побарувања на Институтот до крајот на 2017 година, пак, изнесувале 384,45 милиони денари (6,25 милиони евра). Исто така, констатирано е огромно фрлање крв и крвни деривати, односно и до 263 проценти загуба во еден регионален центар. Од институтот тоа го објасниле со оштетување на кесите за крв и изминување на нивниот рок на употреба.

Во вториот извештај, односно ревизијата на регуларност за работењето на Институтот за трансфузиона медицина со сметката со приходи од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), пак, се вели дека има бројни проблеми во врска со вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности во финансиските извештаи, а негативна е оценката и за почитување на законската регулатива, упатствата и воспоставените политики при вршење на финансиските трансакции во текот на 2017 година.

Констатирани се неправилности при пресметување на коефициентите на платите, при вработување луѓе на работни места според систематизацијата. Исплатата на прекувремената работа и дежурства се вршела без соодветна документација.

Лошо се вршела и инвентаризацијата, се вели во извештајот од Државниот завод за ревизија посветен на трошењето на парите од ФЗОМ.