Жената низ призмата на очите на уметниците-од колекцијата на НГМ

Сподели

Национална галерија на Македонија, Жената низ призмата на очите на уметниците, 7.март

Изложбата – Жената низ призмата на очите на уметниците
(Дела од колекцијата на НГМ кои се со тематика на приказ на жената како инспирација)

Соочени со темите од историјата на уметноста каде жената е постојано присутна, од предисторијата преку антиката, хуманизмот и ренесансата, па се до модернизмот и рецентноста, во македонската и регионалната модерна и современа уметност среќаваме сцени каде жената е непресушна инспирација за уметниците.

Националната галерија на Македонија по повод 8ми март – Меѓународниот ден на жената, ја поставува оваа тема за изложба од својата колекција.

Со почит кон светскиот ден на одбележувањето на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, на изложбата ќе бидат претставени дела на уметниците низ чија призма на гледање е претставена жената во сета своја убавина како мајка, идеал, борец, инспирација, љубовница, посакување…

Во колекцијата се застапени дела на македонските автори (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Мазев…), но и помладата генерација (Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов и др.) како и дела од автори од бившите југословенски простори (Влахо Буковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ…), каде девојката, жената, мајката се инспирација во нивното творештво.