На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список

Сподели

Ноќеска на полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дијаспората. На овој датум завршува и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење податоци во Избирачкиот список.

Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведува во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, во време од 08.30 до 19 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници.

Од ДИК ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да извршат увид во своите податоци во Избирачкиот список, тоа да го направат на официјалната веб-страница и во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, информираше дека до завчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии и дека се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.

Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до завчера биле поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај. Во претседателската трка ќе учествуваат Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река.