Кумановскиот суд го одби барањето на одбраната во случајот „Алмир Алиу“ за замена на помошникот-судија во овој случај, бидејќи се сомневаат дека поради неговата етничка припадност, обвинетиот Бобан Илиќ, тој ќе биде пристрасен во текот на судскиот процес, известува „Порталб.мк“.
„Ја примив одлуката, нашето барање е одбиено“, изјави за „Порталб.мк“, адвокатот Асмир Алиспахиќ.
Одбраната побара да се замени помошникот судија, Љубомир Ѓорчевиќ, бидејќи тој е од иста етничка припадност со обвинетиот Илиќ, односно двајцата се Срби. Одбраната побара, наместо тоа, помошникот судија да биде Албанец бидејќи, според нив, само така тие ќе можат да веруваат во правилна одлука.
Инаку, судскиот процес за случајот „Алмир Алиу” се врати на повторно судење поради неправилности во текот на првото судење. Како и во тек на првото судење, судијка на случајот е Маја Денковска, а обвинителка е Сузана Кусигерска.
Во јули 2016 година, детето од Куманово Алмир, беше прегазено со возило од Илиќ, откако претходно таткото на малото дете и Илиќ имале банална расправија во амбуланта.
Првично, Илиќ се товареше за делото „убиство со умисла”, но истата беше подоцна преиначена од обвинителството и се товареше за кривичното дело “сериозни кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќај”.
Во јавноста имаше жестоки реакции, се организираа масовни протести на граѓаните кои го осудија актот на обвинителството поради преквалификација на предметот.
На 5 април 2018 година, Бобан Илиќ беше осуден на 6 години затвор, таткото на Алмир, Седат Алиу на 6 месеци, додека Сами Демири и Абдула Алиу со по 9 месеци затвор. Но, со повторното судење, сите тие паѓаат во вода и сè почнува од почеток.