Премиерот Емил Димитриев на денешната седница на Собранието, на која се констатираше оставката на министерот за финасии и вицепремиер, Зоран Ставрески, рече дека владата ќе остане посветена на развојот на економската програма и дека е потребен силен и способен кадар кој ќе продолжи да работи за доброто на македонската економија.
Тој истакна дека поранешниот министер Ставрески на дело покажа како се сака Македонија.
– Сите негови дела зборуваат за тоа колку Ставрески ја сака Македонија и колку беше посветен во развојот на економијата. За да дојде и да работи за Македонија, тој ја напушти позицијата во Светската банка и даде личен влог за напредокот на државата – рече Димитриев.
Премиерот јавно му се заблагодари на Ставрески за неговата посветена работа, а за Кирил Миновски, кој е предлог за нов министер за финансии, рече дека со неговото искуство и образование ќе придонесе за понатамошен развој на економијата и за спроведувањето на економската програма.
Пратеникот Љубомир Јосифовски од ЛДП побара да се рапушти целата влада и да се гласа за нова затоа што, како што рече, според Уставот, ако се промени една третина од владата, мора да се избере нова. Неговиот предлог не беше изгласан.
Марјанчо Николов од СДСМ рече дека со оставката на Ставрески економскиот мотор на владата останува зарибан и на владејачката партија ѝ порача дека тешко ќе ја надомести таа загуба.
– Многу пари на граѓаните потрошивте на чоколади и на сопствени задоволства. Им зедовте многу на граѓаните, а не им дадовте ништо – рече Николов.
Тој додаде дека опозицијата до новиот министер за финансии има неколку барања, меѓу кои и да се зголеми нивото на транспаретност во трошењето на јавните пари и парите на граѓаните да не се трошат за проекти како „Скопје 2014“ и нему слични.
Николов праша каде и за што ќе се потрошат парите од новото задолжување кое изнесува 230 милиони евра.
– Новиот министер за финансии треба да направи ребаланс на буџетот, со кој ќе се намалат парите наменети за економска промоција, патни и дневни трошоци, како и за лични луксузи на министрите. Јавниот долг за 25 години достигна највисоко ниво, односно 45 отсто од БДП, само од 2008 до 2016 година државата е задолжена 3,5 милијарди евра – обвини Николов.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека придинесот на Ставрески се гледа и во намалените даноци.
Пратеникот Орхан Ибраими од ДПА посочи дека целиот буџет се крои на моноетнички проекти, додека неговиот колега од ДУИ, Рафиз Алити, во изјава за медиумите рече дека Македонија е мултиетничка земја и дури некој да сака да инвестира во моноетнички прокети, тоа не е можно.
За говор во Собранието се пријавија повеќе од 20 пратеници и се очекува седницата да трае до доцна попладне.
Николов: Без Ставрески економскиот мотор на владата останува зарибан