Денеска се одржува првиот круг од претседателските избори, а право на глас имаат 1.808.131 избирач.
Претседателските избори ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје и на 32 места во странство.
Гласањето почна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
На шестите по ред претседателски избори од независноста до денес, ќе треба да се избере петтиот по ред претседател помеѓу тројцата кандидати Стево Пендаровски, предложен од владејачката коалиција, Гордана Сиљановска – Давкова од ВМРО-ДПМНЕ од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и независниот кандидат Блерим Река.
Вчера на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва гласаа граѓаните од дијаспората, каде беа пријавени 1.782 гласачи. Истиот ден гласаа и болните и немоќни лица, при што пријавени за гласање беа 3.583 гласачи, како и 1.600 затвореници сместени во затвор или куќен притвор и седум раселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање. Прв пат гласале и гласачи во два старачки дома. Од 71, гласач, своето право го оствариле 70. Од ДИК соопштија дека вчерашното гласање поминало тековно и без проблеми.
Според член 81 од Уставот, победата на еден од кандидатите во првиот круг може да им ја донесе мнозинство на гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови за кандидатот.
Доколку не се случи изборот да биде завршен во првиот круг, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.
Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 5 мај.
Изборите ќе ги покрива набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР со вкупно 279 набљудувачи. Ќе има главен тим од 11 експерти со седиште во Скопје и 18 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени во девет тима низ целата држава.