Неколку илјади маратонци, полумаратонци и рекреативци утре ќе истрчаат на градските улици и ќе учествуваат во 15. Виз Ер Скопски маратон, најмасовната и најатрактивната спортска манифестација во земјава.
Деталите поврзани со годинешната трка на денешната прес-конференција ги соопштија градоначалникот Петре Шилегов, директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски и атлетичарите Адријана Поп Арсова и Александар Кираџиев.
-“Градот Скопје, заедно со Канцеларијата на Европската унија, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортови на Скопје во соработка со Атлетската федерација, атлетските клубови и огромниот број волонтери, успеа да направи меѓународно афирмиран настан на кој секоја година се пријавуваат се повеќе професионалци, рекреативци, ученици од основните и од средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија. Виз Ер Скопски маратон прерасна во еден од најпознатите маратони на Балканот. За угледот и за реномето на маратонот говори и податокот дека тој е важен и за исполнување на норми за учество на сите најзначајни европски и светски шампионати, како и за Олимписките игри. Ме радува што оваа година се пријавени рекордни 12.500 учесници од 58 земји во светот. Во трките ќе учествуваат и 60-тина вработени во градската администрација” – рече Шилегов.
На учесниците во трките Шилегов им пожела добро време и добра забава и нагласи дека се создадени сите услови за годинава да имаме најдобро издание на маратонот досега.
-“Во организацијата на маратонот се вклучени стотици професионалци и волонтери што се грижат трките да поминат во најдобар ред и ја користам оваа можност да се заблагодарам за нивниот ангажман кој е од исклучителна важност за успешноста на оваа манифестација. И годинава, за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.500.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија” – додаде Шилегов.
Директорот на маратонот, Синадиновски, ги повика граѓаните во што поголем број да излезат на градските улици и да ги бодрат натпреварувачите со аплаузи, но и со интересни транспаренти.
-“Оваа година, на неколку локации по должината на патеката натпреварувачите и гледачите ќе ги забавуваат бендови и диџеи. Ме радува интересот што го покажаа граѓаните за четирите трки и што од година во година бројот на пријавени учесници се зголемува. Очекуваме и нови рекорди на патеката. Наградниот фонд на маратонот изнесува 18.000 евра” – рече Синадиновски.