Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, ја доби и ја разгледа Иницијативата од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, а која се однесува на барањето за доброволно тестирање на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија од наркотици.
Во Законот за пратеници, во Деловникот за работа на Собранието и во Уставот на Република Северна Македонија, нема правен основ според кој Претседателот и Собранието на Република Северна Македонија би можеле да ја реализираат Иницијативата на Независната пратеничка група – стои во соопштението од кабинетот на Џафери.
Условите за кандидирање, за избор и за работа на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија се јасно дефинирани и оттука, Претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања.
Според Законот за безбедност и здравје при работа, член 22, став 1, работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци.
Пратениците и вработените во Собранието на Република Северна Македонија, како и сите вработени лица во државата, одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба.
Последниот систематски преглед се реализирал во 2017 година, а следниот редовен систематски преглед ќе се спроведе во текот на оваа година.
Дополнително, не се точни тврдењата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека, Претседателот на Собранието може и без формално покрената иницијатива, да утврди одговорност на пратеник.
Согласно Кодексот за етичко однесување на пратениците, Член 15, Претседателот на СРСМ нема надлежност во постапката за утврдување на сторени лесни и тешки повреди и изрекување на мерки за пратениците.