Николовски: Благодарам за довербата – фокусот е на животот на граѓаните (ВИДЕО)

Сподели

 

“Сакам лично да се заблагодарам на довербата заради тоа што бев ваш предлог на Централниот одбор за нов Генерален секретар на СДСМ. Се заблагодарувам на членовите на ЦО кои имаа длабинска и суштинска, отворена и демократска, секогаш така како што личи за најсериозната политичка партија во државата, дебата преку којашто донесовме крупни одлуки коишто се значајни за граѓаните на Република Северна Македонија, – изјави министерот Николовски, а од денеска и генерален секретар на СДСМ.

Значајни се поради тоа што пораката е примена и СДСМ денеска донесе, како и во претходниот период храбри, решителни одлуки коишто ќе бидат од интерес на сите граѓани.

Ќе работам заедно со новото раководство на СДСМ, со новиот Извршен одбор и потпретседателите кои ќе бидат назначени во следните неколку недели, но ќе го црпиме искуството од досегашните шест потпретседатели, од досегашниот генерален секретар со целокупното искуство, мудрост и трпение коешто сите заеднички го имавме во претходниот период.

Но ќе работиме пред се на силна контрола за тоа како се реализира нашата програма, програмата на СДСМ и нашите ветувања кои беа дел од нашите кампањи. Заради тоа што работиме силно и посветено како досега и на меѓународен план, за силниот напредок коишто го направивме во овие две години на чело со претседателот и премиерот, во следниот период доаѓа период во кој навистина и преку инструментите на СДСМ ќе бараме отчетност од сите избрани функционери, ќе бараме отчет од градоначалниците, од локалните самоуправи и точно ќе ја следиме реализацијата на нивната програма, на секој градоначалник, на секој директор, за која мерка, за која политика до каде е самата реализација.

Ќе се фокусираме на изградба, и надградба на внатрешниот систем на организација на СДСМ како најголема политичка структура во државата.

Може да гарантирам дека деноноќно ќе работам на изградба на еден систем и на отчетност и на чесност и на одговорност и на посветеност се во функција на реализација на нашите ветувања и на зборот коишто го имаме дадено пред граѓаните.

Јас сум убеден дека СДСМ заедно со коалицијата со сите овие храбри одлуки коишто ги прави, е сигурен победник на следните парламентарни избори и дека работиме на еден долг рок да обезбедиме европска иднина на граѓаните, победа на европскиот курс, победа на оваа европска коалиција којашто покажа во овој период дека знае да ги отвори вратите кон НАТО и кон ЕУ, да донесе силни и храбри одлуки коишто се од интерес на граѓаните, но и следува период во којшто навистина ќе бидеме цврсто и силно фокусирани на релизација на програмата за живот и на сите мерки и сите политики за кои ја имаме добиено довербата од страна на граѓаните.

Паралелно, СДСМ покрај силните внатрешни реформи коишто ќе ги започне, покрај зацврстување на внатрешната организација и новите концепти и модели на функцонирање коишто ќе ги примениме, засилено со граѓаните ќе бидеме постојано на терен, уште од утре ќе го правиме концептот и планот како да бидеме во постојан контакт и како до последно да ги реализираме нашите ветувања, но и да ги пишуваме новите програми и новите модели за довербата која ќе ја бараме во наредниот период.

Благодарам.”