Хан и Могерини ќе гo презентираат најновиот пакет за проширување на ЕУ

Сподели

 

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, денеска во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ќе гo презентираат најновиот пакет за проширување на ЕУ.

Нашата држава очекува повторно да добие зелено светло од Комисијата за датум за почеток на преговори со ЕУ, датум кој потоа треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ. Извештаи ќе бидат објавени и за сите други земји во регионот.

Конечната верзија на овие клучни документи се финализираше до доцна синоќа во просториите на Европската ломисија, но Северна Македонија се очекува во секој случај да добие позитивни оценки за реформскиот напредок во мнозинството области, вклучувајќи ги и критичните реформи кои треба да го отворат патот за преговори за членство: судството, јавната администрација, разузнавачките служби и борбата против корупцијата.

Иако се очекува и Македонија и Албанија да добијат зелено светло од Европската комисија за почеток на преговори, сепак е неизвесно кога би бил одреден датумот за почетокот, бидејќи за тоа ќе треба согласност од Советот на министрите на ЕУ.

Извештаите ќе им бидат презентирани на европратениците во 11,30 часот денеска во Брисел, а потоа пред Европската Комисија по средбата на колеџот на комесари, најавија прес службите.