Кривична пријава за директорот на МРТ – го заложил имотот на куќата

Сподели

 

Управата за финансиска полиција (УФП) до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) поднесе кривична пријава против директорот на Македонска радиотелевизија (МРТ), Марјан Цветковски, но поради дело од 2015 година, кога исто така беше директор на јавната радиодифузна куќа.

Финансиска полиција го товари Цветковски дека во 2015 година без да побара и да добие согласност од Собранието, кое е основач и сопственик на МРТ, за да земе кредит за јавната радиодифузна куќа од домашна банка во износ од 140 милиони денари (2,27 милиони евра), го заложил вкупниот недвижен и движен имот на МРТ. Тој изнесувал 294.459.822 денари (4,78 милиони евра), односно над двапати повеќе од износот на кредитот.

Потоа 30,36 милиони денари од кредитот, односно повеќе од четвртина од неговиот износ, тој исплатил на банката што го дала кредитот за да покрие достасани обврски на МРТ кон неа, нагласува УФП. Банката имала откупено побарувања од БЕГ кон МРТ.

За случајот, кривична пријава доби и нотарката З.П, оти противзаконски ги заверила договорите за залог, без да побара на увид согласност од Собранието за давање на имотот на МРТ под залог.