Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, по повод последните случувања поврзани со случајот „Рекет“, одржа прес конференција, на која изјави дека изминатиов месец јавноста е сведок на огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава.
„Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава“, изјави Претседателот.
Претседателот Пендаровски истакна дека свесен за својата одговорност како претседател на сите граѓани и должноста да ги штити интересите на државата и нејзините граѓани, нејзиниот просперитет и безбедност, како и реализацијата на стратешките надворешно-политички цели кон кои во изминативе две години забрзано се движиме – НАТО и ЕУ, побара од надлежните институции ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност.
Доколку има докази, како што истакна Претседателот, треба да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не.
„Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери“, рече претседателот Пендаровски.