Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Н.Е. Кејт Мари Бурнс.
На средбата стана збор за актуелната политичка ситуација во земјата, како и за планираната динамика на работата на Собранието на Република Северна Македонија во периодот до распишувањето на претстојните предвремени парламентарни избори.
На средбата беше потенцирана потребата од имање на законски и фер изборен процес, со кој и понатаму ќе се потврди и зацврсти демократскиот капацитет на државата.
Во однос на НАТО, амбасадорката Бурнс потврди дека се прават сите можни напори да се заокружи процесот на ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија за да бидеме 30-та полноправна членка на овој моќен сојуз, на што претседателот Џафери потенцираше дека нашата земја останува доследен стратешки партнер на САД.