„Јавната соба“ ја покажа темната страна на интернет групите

Сподели

 

Последниот случај со компромитирачки фотографии споделени во мрежа на апликацијата „Телеграм“ кој сѐ уште ја бранува јавноста, е пример кој докажува дека младите не знаат како да ги заштитат своите лични податоци и да ја зачуваат својата приватност на Интернет. По повод 28 јануари – Европскиот ден на заштита на личните податоци побаравме одговори од повеќе компетентни соговорници за тоа дали и колку умееме да си ја заштитиме нашата приватност и приватноста на нашите деца и во која мера сме свесни за последиците.

Маријана Марушиќ Кос, експерт за заштита на лични податоци и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), вели дека кај нас луѓето се освестуваат дури откако ќе им се случи повреда на правото.

– Животот се одвива на Интернет и сето тоа не е наивно. Посебно на младите, на нив сѐ им е нормално. Сепак на крајот, сѐ се сведува на нашата свест. Затоа мора да мислиме на тоа кога се изложуваме на Интернет, вели Марушиќ Кос додавајќи дека треба да сме свесни дека се изложуваме јавно и треба да се спремни на сите последици.

Во однос на злоупотребата на лични податоци и објава на разголени фотографии во „Телеграм“ групата наречена „Јавна соба“ во која членуваат илјадници корисници, Марушиќ Кос смета дека секое од тие деца чии фотографии се нашле во групата, морало да имаат барем некакво ниво на свест дека еден ден некаде некој може да ги злоупотреби.

– Кај нас обично луѓето стануваат свесни откако ќе им се случи повредата, односно откако ќе им биде повредено правото на приватност. Тогаш стануваат свесни дека требало да си ги штитат податоците. На Интернет, обично така се случува. Не размислуваат воопшто за тоа пред време – вели Марушиќ Кос.

Според неа, треба интерресорски да се делува кога станува збор за ова прашање, односно да се развива свеста, особено кај младите за тие „да почнат да размислуваат и да делуваат на начин согласно кој ќе ги знаат сите последици од нивното однесување“.

Таа смета дека не е доволно само ДЗЛП да едуцира, туку тоа треба да се прави поорганизирано, заедно со невладиниот сектор и одговорните во Министерството за образование и наука.

Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии вели дека последниот пример со „Јавна соба“ е потврда дека ние воопшто немаме познавање и интерес да за запознаеме со тоа што се лични податоци и како да ги заштитиме.

– Овој случај покажа дека средна образовниот процес, децидна е Трајкоска.

Според неа, поразително е и тоа што на социјалните мрежи имаше коментари од возрасни луѓе, кои велеа дека самите девојки се виновни, „нешто што покажа крајна неукост, непознавање и неразбирање  на нештата“.

– Затоа сметам дека ние, за жал, треба да започнеме сѐ од почеток. Не само што треба да ги едуцираме учениците, туку и родителите како да си ги заштитат децата и да си ги прошират видиците – потенцира Трајковска додавајќи дека недостасува чувство на заедништво, општество кое треба да има заеднички вредности.

Веќе неколку дена јавноста ја бранува скандалот „Јавна соба“, групата на аликацијата „Телеграм“ во која биле споделувани стотици слики од разголени и голи девојки, меѓу кои и малолетнички.


Инаку денеска, 28 јануари, е Европски ден на заштита на личните податоци, кој Советот на Европа реши да го одбележува од 2006 година на овој ден поради тоа на денешен ден е отворена за потпишување Конвенцијата за заштита на личните податоци, односно популарно наречената „
Конвенција 108“.За случајот алармираше професорка во училиште за средно образование. Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност започнаа истрага за случајот и ги контактираа надлежните во седиштето на „Телеграм“ во Британија, од каде се чекаат одговори.  Истовремено, на разговори се повикани креаторот и администраторот на групата. Најавено е дека на разговор ќе бидат повикани оние кои споделувале фотографии и видеа, а не сите 8.000 лица кои членувале во групата.

„Граѓаните се генерално незапознаени со ризиците поврзани со заштитата на нивните приватни податоци и нивните права од тој аспект. Тие ретко се свесни за тоа што можат да преземат ако сметаат дека нивните права се повредени, односно не ја знаат точно улогата на институциите за заштита на лични податоци“, се вели на вебсајтот на Советот на Европа посветен на одбележувањето на овој ден.

Фондацијата „Метаморфозис“ преку програмата – Човекови права на интернет, се стреми да го заземе местото на водач на процесот за застапување на човековите права на интернет, помагајќи заедниците да се соочат со огромните промени кои произлегуваат од сѐ поголемото влијание на новите технологии. „Метаморфозис“ се фокусира на заштитата на приватноста преку зајакнување на капацитетите на граѓаните, институциите и бизнис секторот функционирањето на дигиталното општество. 

meta.mk