Велика Британија ја напушта Европската Унија

Сподели

Paxa7aH

Граѓаните на Велика Британија на вчерашниот референдум изгласаа земјата да излезе од Европската Унија, покажуваат прелиминарните резултати.

Нецелосните резултати од четири петини од избирачките места покажуваат дека 52 отсто од Британците гласале за излегување од ЕУ, наспроти 48 отсто за останување. Останува да се пребројат гласовите од уште неколку избирачки места, меѓутоа од досегашните резултати повеќе од извесно е дека Британците гласале за излез од Унијата.

На референдумот е забележена рекордна излезеност, без разлика на лошите временски услови, од 72 отсто или околу 46,5 милиони гласачи.

Ако резултатите бидат потврдени, тоа ќе биде најголемиот удар за Европската Унија од нејзиното основање и ќе отвори многу други прашања меѓу останатите 27 членки околу иднината на европскиот проект.

Најџел Фараж, лидерот на Партијата за независност на Велика Британија, прогласи победа на рефендумот и го нарече 23 јуни „ден на независноста“ на Велика Британија. Тој го повика премиерот и лидер на Конзервативната партија, Дејвид Камерон веднаш да си поднесе оставка.

Во моментов се очекува обраќањето на премиерот Дејвид Камерон во врска со резултатите од референдумот.

Она што досега се знае е дека граѓаните на Шкотска и Северна Ирска во најголем дел се изјасниле за останување на Велика Британија во Европската Унија, а исто гласале и жителите на Лондон.

Меѓу првите што изреагираа на прелиминарниот исход од референдумот е германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, кој на „Твитер“ напиша дека денеска е тажен ден за Европа.

 

Во меѓувреме, британската фунта падна за рекордни девет отсто по објавувањето на некомплетните резултати, односно на најниско ниво од 1987 година, што е потврда на стравовите на финансиските пазари дека ваквата одлука на британските гласачи ќе има негативни економски и политички последици по нивната земја, но и пошироко.

Велика Британија ја напушта Европската Унија