Владата донесе Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19

Сподели

 

Владата донесе Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 со која сите нејзини мерки добиваат правна основа за нивно спроведување.

Со оваа одлука заради спречување на внесување и ширење и можноста од заразување од Корона вирус COVID-19, а со цел обезбедување заштита на здравјето на населението на територијата на Република Северна Македонија, се наредуваат следниве мерки:

1) Се забранува воспитно – образовниот процес и одржување на настава во сите детски градинки, центри за ран детски развој, дневни центри, основни и средни училишта.

2) Се забранува одржување на наставата во високо – образовни установи и јавните научни установи.

3) Да прекинат со работа ученичките и студентските домови, библиотеките, театрите, кино салите, музеите и детските игротеки.

4) Се забранува посета на сите вон училишни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат вон наставата, (посета на воспитно – образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и сл.).

5) Се забранува одржување и собирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор, секаков вид на јавни и приватни собири, како и сите културни, информативни, спортски настани и манифестации, без оглед на обемот и бројот на учесници, во јавни објекти и други јавни места (кино сали, театри, музеи, библиотеки, спортски објекти, вежбални и детски игротеки).

6) Се затвораат сите спортски објекти, вежбални, спортски сали каде што може да се одржуваат секаков вид на собири и настани, без оглед на обемот и бројот на учесници.

7) Се забранува одржување на сите спортски настани и натпреварувања пред присуство на гледачи (публика).

8) Се забранува користење од секаков тип на пливачки базени на територијата на Република Северна Македонија.

9) Се забранува работа на угостителските објекти, кафетерии, барови, ресторани, клубови, казина, спортски обложувалници, од 18.00 часот до 7.00 часот наредниот ден и истите да работат со преполовен капацитет за гости, односно да се задржи минимум неопходно растојание од најмалку еден метар и половина до два метри помеѓу луѓето кои престојуваат во овие објекти.

10) Се забранува за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, одржување на настани, патувања, собири, обуки, семинари, конференции и друг тип на средби и да ги откажат истите.

11) Се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, а се прекинува специјализацијата на сите државни специјализанти и супспецијализанти вработени во Здравствен Дом Скопје и истите се враќаат на своите работни места во матичната установа.

12) Се забранува на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали, потребни за справување со Коронавирус COVID-19, освен за оние за кои е добиена посебна дозвола издадена од Министерство за здравство.

13) Се забранува организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји согласно Листата на Светската здравствена организација, како и од тие земји кон Република Северна Македонија,

14) Да се забрани влез на странски државјани од земјите со висок ризик, согласно Листата на Светската здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство на линкот: zdravstvo.gov.mk/…/up…/2020/03/Spisok-na-zemji11.03.2020.pdf, (во натамошниот текст: Листата на Светската здравствена организација), освен оние кои ќе достават потврда издадена од надлежен орган за спроведен карантин.

15) Во случај на појава од патници на граничните премини на Република Северна Македонија од земјите со висок и среден ризик согласно Листата на Светската здравствена организација, истите задолжително да спроведат самоизолација.

Мерките од оваа одлука ќе се применуваат до 24 март 2020 година, освен мерката број 7, која ќе се применува 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.