Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на денешните прес-конференции на кои доминираше предлогот за воведување на вонредна состојба, потенцираше дека со нејзиното воведување не значи дека по автоматизам ќе се воведат рестрикции на слободите и движењето на граѓаните.
„И во вонредна состојба не престанува животот. Нашата идеја е што е можно повеќе и нормално да функционира и стопанството, и економијата, меѓутоа секако со мерките кои се во заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните. Вонредната состојба само и дава можности на Владата и се создаваат услови за брзо и ефикасно спроведување на мерките за превенција и заштита на здравствената состојба на граѓаните. За заштита и одбрана на нашето општество, на нашата економија“, истакнуваше претседателот на Владата на денешните прес-конференции.
Премиерот Спасовски нагласи дека во услови на вонредна состојба Владата ќе може да дејствува непречено во борбата со вирусот и ќе може да спроведува мерки за спас на економијата и за помош на погодените граѓани и компании.
„Доколку се прогласи вонредна состојба, Владата ќе може да носи уредби со законска сила и многу полесно да се справува со состојбите таму каде што треба да се направат одредени промени. Апелирам до граѓаните на трезвеност, смиреност и одговорност во една ваква состојба. Има доволно залихи на храна, на гориво и сѐ што е потребно постои. Тоа значи дека нормалниот живот во државата се одвива во овие новонастанати услови“, објаснува премиерот Спасовски
Се создаваат услови сите кои учествуваат во борбата против овој вирус: здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите, Владата, успешно да ги остваруваат најефикасно нивните професионални задачи во справувањето со оваа хуманитарна криза.
Премиерот Спасовски во своите денешни јавни настапи потенцираше дека за секоја одлука што ќе се носи и што ќе биде поврзана со вонредната состојба јавност ќе биде информирана на редовна дневна основа, а за спроведување на тие одлуки ќе бидат донесени соодветни упатства и врз основа на тоа ќе биде многу јасно кој и како треба да се однесува.
„Какви одлуки ќе се носат, ќе зависи од сите нас. Од тоа како се однесуваме. Ако почитуваме мерки, ако ги следиме препораките, за заштитата на нашите семејства и занаша лична заштита и за заштита на околината во која живееме, тогаш ќе поминеме многу полесно. Ако не, не е исклучено да бидат воведени порестриктивни мерки зас кои благовремено ќе следуваат информации“, е ставот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски од денешните прес-конференции на кои доминираше предлогот за воведување на вонредна состојба.