ЦИВИЛ, организација за човекови права и слободи, основана во 1999 година и која во 2009 година ја формираше организациската единица ЦИВИЛ Медиа, го одбележa Светскиот ден на слободата во медиумите со околу 40 прилози, вклучувајќи и 25 изјави од истакнати новинари и експерти од областа на медиумите. Борбата за слобода на изразувањето и информирањето не трае само еден ден, така што во наредниот период, оваа активност на Организацијата ќе продолжи со несмалено темпо.
Во текот на изминатите 11 години, ЦИВИЛ работеше на креирање медиумска платформа која е слободна, независна и отворена. Организацијата се реши на овој потфат во услови на медиумски мрак, кога режимот ги претвораше новинар(к)ите во држачи за микрофони, а медиумите во своја пропагандистичка и националистичка огласна табла. Медиумските работници и активистите за човекови права, како и нивните семејства и блиски, беа под закани, уцени и притисоци, беа тепани, прогонувани и затворани. Сѐ уште не се разјаснети низа напади, како и смртни случаи за време на авторитарниот режим 2006-2016.
Постигнувањата по падот на режимот во сферата на јакнењето на медиумските слободи се евидентни, но придружени се со низа слабости и предизвици. Слабостите и предизвиците се последица и од трендови со поширок регионален и глобален карактер, но не мал дел од нив се и од субјективна природа.
На глобално ниво, пандемијата на коронавирусот предизвика тектонски поместувања во сферата на слободата на изразувањето и информирањето. Мерките за справување со пандемијата низ целиот свет ги ставија во опасност човековите права и слободи, особено во делови во светот каде што тие веќе претставуваа сериозен предизвик.
Последиците од ограничувањето на правата и слободите со цел да се спречи ширењето на коронавирусот допрва ќе се почувствуваат во целиот свет. Дополнително, длабоката рецесија која веќе го тресе светот, ќе придонесе кон дополнителна ерозија на почитувањето на човековите права и слободи, а со тоа и ограничување на правото на слобода на изразувањето и информирањето.
Паралелно со пандемијата, со уште поголема брзина се рашири и инфодемијата. Во изминатиот период, врз основа на долгорочниот мониторинг, ЦИВИЛ повеќе пати констатира и ја алармира јавноста дека инфодемијата не ја одмина ни Северна Македонија. Притоа, лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата се оружје во пропагандата на одделни политички партии и центри на политичкото и криминалното подземје, чија цел е поткопување на довербата на граѓан(к)ите во здравствениот систем и во институциите воопшто. Медиумите играат голема улога во дистрибуцијата на овие хибридни закани против демократијата.
Голем проблем претставува и неказнивоста за нападите против професионалните медиуми и медиумски работници. Потпалувачкиот говор на социјалните мрежи многу често произлегува токму од медиумската продукција на одредени политички, бизнис и криминални структури во земјава. Отсуството на соодветна реакција на релевантните институции ги охрабрува овие центри само да го засилат своето деструктивно дејствување. Тоа го загрозува јавниот интерес, а посебно ги става во опасност професионалните медиумски работници.
Медиумските работници се соочуваат со голем број други предизвици, од кои еден од највидливите е хроничниот проблем со висината на примањата, што е последица и од економските прилики во земјава и пошироко, но и од отсуство на мерки за стимулирање на професионалното медиумско работење.
ЦИВИЛ останува отворен за соработка со сите релевантни медиумски организации и со медиумите, со цел да се зајакне слободата на изразувањето и информирањето, кои се фундаментално човеково право, гарантирано со Уставот, законите и со меѓународното право.
Честит Ден на слободата на медиумите!